Трошоците за задолжување на државите ширум светот растат, откако приносите на долгорочните државни обврзници во САД, Франција, Германија, Велика Британија и Јапонија достигнаа повеќегодишни максимуми, објави „Блумберг“.

Приносот на 30-годишните американски државни обврзници во вторникот достигна 5,32 отсто, што е највисоко ниво од 2007 година. Од крајот на јуни приносот е зголемен за речиси 40 базични поени.

Во Франција, приносот на 30-годишните обврзници се искачи на највисоко ниво од 2008 година, додека во Германија приносите на обврзниците со слична рочност се на нивоа последен пат забележани во 2011 година.

Во Велика Британија приносот на долгорочниот државен долг се приближува до шест отсто, додека во Јапонија е близу историски максимум.

Инвеститорите се загрижени поради инфлацијата, растечките државни долгови и можноста владите да не успеат значително да ја намалат потрошувачката. Дополнителен притисок создава и намалената побарувачка од традиционалните големи купувачи на државни обврзници, како пензиските фондови.

Истовремено, технолошките компании кои вложуваат огромни средства во вештачката интелигенција сè почесто издаваат долгорочни обврзници за финансирање на инвестициите, со што стануваат директна конкуренција на државите на пазарот на долг.

Поради повисоките каматни стапки, министрите за финансии во голем број земји сè повеќе се насочуваат кон издавање краткорочни обврзници, каде што трошоците за задолжување се пониски.

Според анализата, тоа може да значи дека периодот во кој државите со децении се задолжуваа по исклучително ниски каматни стапки е при крај.

Само во САД, каматите на јавниот долг во тековната фискална година достигнале 1,17 билиони долари, што е за 15 отсто повеќе во споредба со истиот период претходно. Годишниот американски буџетски дефицит, пак, достигнал речиси два билиони долари, додека јавниот долг се приближува до 40 билиони долари.