Годишната стапка на инфлација во Европската Унија во јули 2026 година се зголемила на 3 отсто, од 2,9 проценти во јуни, покажуваат најновите податоци на Евростат. Во истиот месец минатата година инфлацијата во ЕУ изнесувала 2,4 отсто.

Во еврозоната годишната инфлација во јули достигнала 2,9 отсто, по 2,8 проценти во јуни. Една година претходно стапката изнесувала 2 отсто.

Најниска годишна инфлација меѓу земјите членки на ЕУ е регистрирана во Шведска, од само 0,3 отсто. Во Чешка таа изнесувала 1,3 проценти, додека Данска и Унгарија имале инфлација од по 1,6 отсто.

На спротивниот крај е Романија, каде што годишната инфлација во јули достигнала 8,2 отсто. Следува Литванија со 5,4 проценти, а Кипар и Бугарија со по 4,4 отсто.

Меѓу поголемите европски економии, инфлацијата во Германија изнесувала 2,8 отсто, во Франција 2,4, во Италија 2,9, а во Шпанија 3,9 проценти. Во Хрватска била 3,6 отсто, во Словенија 3,0, а во Словачка 3,2 проценти.

Во однос на јуни, годишната инфлација се намалила во 15 земји членки, во три останала непроменета, а во девет се зголемила. На месечно ниво, цените во јули пораснале за 0,2 отсто и во ЕУ и во еврозоната.

Најголем придонес кон годишната инфлација во еврозоната имале услугите со 1,55 процентни поени, по што следувала енергијата со 0,94 процентни поени. Индустриските производи без енергија, како и храната, алкохолот и тутунот, придонеле со по 0,23 процентни поени.

Евростат инфлацијата ја мери преку хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), кој овозможува споредба на движењето на цените меѓу земјите членки на ЕУ.

Од 1 јануари 2026 година еврозоната има 21 членка, откако ѝ се приклучи Бугарија.