Швајцарската народна банка е подготвена повторно да ја намали клучната каматна стапка под нулата доколку тоа биде потребно за инфлацијата на среден рок да остане во целниот опсег од нула до два проценти.
Членката на раководството на централната банка, Петра Чудин, за весникот „Finanz und Wirtschaft“ изјави дека негативните каматни стапки остануваат една од можните алатки на монетарната политика.
„Ако биде неопходно каматните стапки да ги спуштиме под нулата за среднорочно да ја задржиме инфлацијата во опсег од нула до два проценти, тоа ќе го направиме“, изјави Чудин.
Швајцарската народна банка во јуни 2025 година ја намали клучната каматна стапка на нула и оттогаш ја задржува на тоа ниво.
Инфлацијата во Швајцарија во јули забави на 0,4 проценти, и покрај растот на светските цени на енергијата поради конфликтот на Блискиот Исток.
„Блумберг“ претходно, повикувајќи се на извори, објави дека централната банка има намера да ја задржи каматната стапка на нула до крајот на 2027 година, по што би следувало постепено заострување на монетарната политика.
Швајцарија веќе има искуство со негативни каматни стапки. Клучната камата беше под нулата неколку години, сè до септември 2022 година.
Негативната каматна стапка значи дека банките, наместо да добиваат камата за средствата што ги чуваат кај централната банка, плаќаат за нивното депонирање. Со ваквата политика се настојува банките повеќе средства да пласираат преку кредити, со што би се поттикнале потрошувачката и инвестициите, а со тоа и растот на инфлацијата.
Засега, сепак, Швајцарската народна банка не најавува непосредно воведување негативни камати, туку остава отворена можност за таков чекор доколку инфлацијата остане премногу ниска.
Централната банка одржува четири состаноци годишно, а следната седница е закажана за 24 септември.