Во вториот квартал од 2026, растот на БДП забрза на 4.3%. Ова е прв квартал со раст над 4% по пост-пандемиските квартали од 2021 година. Во овој квартал, растот е доминантно воден од градежништвото (21.9%), што на расходната страна се рефлектира и преку висок раст на бруто инвестициите (16.5%). Солидни стапки на раст остварија и индустријата (3.9%) и трговијата (4.1%), а на расходната страна личната потрошувачка (3.3%) и извозот (10.4%). Според ФТ, оваа особено солидна динамика на растот е сврзана со најмалку две критични тенденции.

Прво, градежништвото е главно водено од растот на нискоградбата (48.9%) и специјализираните градежни работи (61.5%), што може да се припише на изведбата на капиталните инвестиции на државата, на национално и локално ниво. Оваа активност е клучна за растот, но е проследена со висок буџетскиот дефицит (7.1% во првата половина од годината).

Второ, растот на личната потрошувачка и понатаму е одраз на растот на доходите, покрај од платите (номинален раст 7.3%), и кредитите на домаќинствата (12.1%), и на големиот раст на пензиите во последните две години, што доведе до притисоци врз пензискиот буџет (во првата половина од 2026, тој е натреализиран на ниво од 55%). Со тоа, растот на БДП, во значајна мера, иако не целосно, е индуциран од буџетска потрошувачка која оневозможува доволна фискална консолидација, велат од Finance Think.

Невработеноста во вториот квартал од 2026 остана иста, 11.3%, проследена со слична вработеност и иста активност на населението. Со тоа, пазарот на труд остана во зона на интензивна летаргичност, односно тој не реагира на растот на БДП. Неформалната вработеност понатамошно порасна, од веќе високите 13.3% од вкупната вработеност на 14.3%, и може да претставува важен – иако не единствен – показател дека особено-високото ниво на сива економија – и веројатно особено во градежништвото – не се намалува.

Во вториот квартал од 2026, инфлацијата порасна на 4.6% на годишна основа (од 3.7%), но ова беа главно ефекти од ниска споредбена основа (претходен период кога во сила беа мерки за ограничување на маржи и цени). Сепак, траењето на конфликтите на европско тло и на Блискиот исток, а на домашен терен притисоците врз буџетскиот дефицит, налагаат особена внимателност во поглед на динамиката на цените од страна на монетарната и фискалната политика.

Растот на економијата се очекува да се задржи во текот на 2026, главно воден од домашните фактори. Проекцијата на Finance Think за растот на БДП во 2026 изнесува 3.5%, а за инфлацијата 4.1%.