ЕВРОПСКИОТ ЦЕНОВЕН ПРИТИСОК СО ТЕНДЕНЦИЈА ЗА ПРЕЛЕВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА
- Мала отворена економија, голема изложеност на странските цени. Македонија многу добро се справува со инфлаторните удари, но…
Додека Европа повторно се соочува со забрзување на инфлацијата, Македонија се наоѓа пред добро познат економски проблем: како да ја контролира домашната инфлација кога значителен дел од ценовниот притисок доаѓа однадвор. Инфлацијата во еврозоната во август достигна 3,3 отсто, главно поради енергетскиот шок. Цените на енергијата во еврозоната пораснаа за дури 14,3 отсто на годишно ниво, додека базичната инфлација благо се намали на 2,4 отсто. За Македонија ова не е само статистика од Брисел. Еврозоната е еден од клучните трговски и економски партнери на земјата, а домашното производство во голема мера зависи од увозни енергенти, суровини, компоненти, машини и храна. Токму затоа секој поголем европски или глобален ценовен удар има потенцијал, со одредено временско задоцнување, да се појави и на македонскиот пазар. Домашната инфлација во јули изнесуваше 2,3 отсто на годишно ниво, откако во јуни беше 3,4 отсто, што покажува извесно смирување. Но тоа не значи дека ризикот исчезнал. Напротив, новиот енергетски шок во Европа отвора прашање дали сегашното намалување на инфлацијата ќе биде трајно.
Енергијата е првиот раб преку кој се прелева инфлацијата
Најдиректниот пат на увозната инфлација е преку енергијата. Повисоката цена на нафтата веднаш се чувствува преку бензините и дизелот. Но ефектот не завршува на бензинската пумпа. Поскапото гориво значи поскап транспорт, а поскапиот транспорт значи повисоки трошоци за производителите, трговците и за дистрибутерите. На крајот, дел од тие трошоци се префрлаат врз крајниот потрошувач. Истото тоа важи и за природниот гас и електричната енергија. Европските берзански цени на природниот гас повторно се под силен притисок, а стравувањата за снабдувањето и ниските резерви го зголемуваат ризикот од продолжување на високите цени. За земја со висока зависност од фосилните горива, ова е особено важен ризик. Според енергетската анализа на Европската комисија, фосилните горива сочинуваат околу 83 отсто од енергетскиот микс на Северна Македонија. Тоа значи дека енергетскиот шок тешко може целосно да се „изолира“ од домашната економија.
Од нафтата до цената на лебот
Увозната инфлација не се гледа само во директно увезените производи. Нејзиниот вистински ефект е поширок. Производителот на храна можеби произведува домашен производ, но може да увезува гориво, амбалажа, ѓубрива, семенски материјал, машини или други репроматеријали. Пекарницата користи брашно, но истовремено плаќа струја, транспорт, амбалажа и опрема. Трговецот можеби продава домашен производ, но неговата логистика зависи од горивото и од транспортните услуги. Така, странскиот ценовен шок постепено се претвора во домашен. Ова е суштината на увозната инфлација: цената може да биде домашна, но дел од нејзината структура е увозна.
Храната останува чувствителна точка
Особено ранлив е прехранбениот сектор. Светските цени на земјоделските производи, енергијата и ѓубривата влијаат врз производните трошоци во целиот синџир – од нива до продавница. Ако енергијата поскапува, поскапува производството. Ако поскапуваат транспортот и ладилниците, растат трошоците за дистрибуција. Ако растат цените на репроматеријалите, растат трошоците на земјоделците и преработувачите. Затоа и релативно мал надворешен шок може да создаде поголем ефект кога ќе помине низ повеќе алки на синџирот. Дополнителен проблем е што храната има голема тежина во потрошувачката кошница на домаќинствата, па секое поскапување граѓаните го чувствуваат многу посилно од просечната инфлација.
Увозната инфлација и денарот
Постои уште еден важен канал – девизниот курс. Ваквиот однос денар-евро, во вакви кризни околности, е значаен амортизер на увозните ценовни шокови, особено затоа што голем дел од надворешната трговија е поврзан со европскиот пазар. Но фиксиран курс не значи дека Македонија е имунизирана од инфлација. Ако производот што го увезуваме поскапи за 10, 15 или 20 отсто во евра, фиксираниот денар не може да го анулира самиот раст на цената. Оттука, ваквата монетарната политика, во вакви нестабилни услови и надворешни притисоци може да го ублажи шокот, но не може да го спречи неговото пренесување.
Најопасен е вториот круг
За економистите најважно не е само колку ќе поскапи нафтата, туку што ќе се случи потоа. Првиот круг е директен: поскапува енергијата.
Вториот круг е посложен: компаниите ги зголемуваат цените за да ги покријат повисоките трошоци.
Третиот круг може да дојде преку платите – работниците бараат компензација за повисоките животни трошоци.
Тогаш инфлацијата престанува да биде само увезена и почнува да добива домашна динамика. Засега европските показатели даваат одредена надеж дека тој процес не е широко активиран. Во еврозоната, базичната инфлација во август дури и се намали, а инфлацијата кај услугите падна од 3,3 на 3,0 отсто. Но доколку енергетскиот шок продолжи, ризикот од прелевање станува поголем.
Каматите не можат да ја поевтинат нафтата
Тука се појавува и дилемата за монетарната политика. Европската централна банка може да ги зголеми каматите за да ја намали побарувачката и да спречи инфлацијата да стане трајна. Но повисоката камата не може да произведе дополнителен гас, не може да го намали ризикот во Ормускиот Теснец и не може да ја намали светската цена на нафтата. Затоа инфлацијата предизвикана од надворешен енергетски шок е особено тешка за централните банки.
Истиот проблем, по својот карактер, постои и во Македонија. Имено, дел од ценовниот притисок не настанува во домашната економија и не може да се елиминира само со домашни мерки.
Колку е ранлива Македонија?
Ранливоста не произлегува само од увозот на финални производи. Многу е поважно што македонската индустрија е интегрирана во европските производни синџири. Увозот на машини, компоненти, метали, хемиски производи, енергенти и други репроматеријали значи дека странските трошоци стануваат дел од домашната производна цена. Кога германски, италијански или други европски производители плаќаат поскапа енергија и поскапи транспортни услуги, дел од тој пораст преку синџирите на снабдување стигнува и до македонските компании. Затоа домашната инфлација треба да се гледа како комбинација од домашна побарувачка, домашни трошоци и увезени ценовни шокови.
Oдбраната не е само во каматната стапка
Ако новиот европски енергетски притисок продолжи, одговорот на Македонија не треба да биде само монетарен. Потребни се и структурни мерки, и тоа поголемо домашно производство на енергија и енергетска ефикасност, диверзификација на снабдувањето со тежиште на базното производство и повторно – повеќе домашно производство на енергија, а и подобра логистика и посилни резерви. Особено е важна енергетската безбедност.
Според „Енерџи комјунити“, македонските задолжителни резерви на нафта покриваат околу 51 ден од нето-увозот, што е под 90-дневниот стандард предвиден со европските правила. Тоа покажува дека увозната зависност не е само прашање на цена туку и на економска сигурност.
Македонија многу добро се справува со инфлаторните удари, но…
Најголемиот ризик за македонската економија е комбинацијата, и тоа поскапа енергија, поскап транспорт, поскапи увозни репроматеријали и повисоки камати. Таквата комбинација го намалува реалниот доход на домаќинствата, ги зголемува трошоците на компаниите и ги одложува инвестициите. Оттука, падот на домашната инфлација на 2,3 отсто во јули е позитивна вест, но не треба да се толкува како дефинитивна победа над инфлацијата. Европскиот пример покажува колку брзо сликата може да се промени. Македонија не ја увезува само стоката од Европа. Таа ги увезува и нејзините трошоци. А кога Европа повторно плаќа поскапа енергија, транспорт и производство, прашањето веќе не е дали дел од тој удар ќе стигне до македонскиот потрошувач. Засега, според експертите, Македонија многу добро се справува со инфлаторните удари.
Сепак, надворешните притисоци продолжуваат континуирано. Прашање е колку брзо, колку силно и колку долго ќе траат притисокот и прелевањето. И токму тука се наоѓа главниот инфлаторен ризик за македонската економија во следниот период: домашната инфлација може да се смирува, но увозната инфлација повторно почнува да ја диктира динамиката.