По 115 години работа, фармацевтската индустрија во Дрезден ќе остане без една од своите најдолговечни производствени локации. Компанијата „ГлаксоСмитКлајн“ (GSK) најави дека до средината на 2028 година ќе го прекине производството во фабриката во германскиот град.

Одлуката, според компанијата, е поврзана со намалената побарувачка на глобалниот пазар за вакцини против грип, но и со фактот дека во моментов постојат поголеми производствени капацитети од потребните.

Производството на вакцината против грип по затворањето на германскиот погон треба да продолжи во објектот на GSK во Сент-Фој, Канада.

Во фабриката во Дрезден работат околу 650 лица, а нејзината историја започнува во 1911 година. Објектот бил основан од германскиот индустријалец Карл Август Лингнер, познат по својот бизнис со производи за орална хигиена.

Низ децениите фабриката поминала низ повеќе сопственички и политички промени. За време на постоењето на Источна Германија била национализирана, а по германското обединување производството во 1992 година го презела британската компанија „СмитКлајн Бичам“, која подоцна стана дел од денешниот GSK.

Затворањето предизвика реакција и кај синдикатот IG BCE, кој предупредува дека со исчезнувањето на погонот Саксонија ќе остане без значаен број висококвалификувани работни места.

Синдикалците стравуваат и дека Германија би можела да изгуби дел од експертизата и технолошкото знаење стекнувано со децении во областа на фармацевтското производство.

Дрезденскиот погон досега произведуваше вакцини против грип и хепатитис. Според податоците на компанијата, неговиот капацитет достигнува околу два милиони дози неделно.

Со планираното затворање во 2028 година ќе заврши повеќе од еден век долга традиција на производство на вакцини во овој дел од Германија.