Најавеното затворање на граничните премини кон Европската Унија денес сепак не се случи. Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора решија привремено да го стопираат протестот, откако добиле уверување дека ќе се бара решение за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Одлуката следува по средба со претставници на дел од државите членки на Шенген-зоната, одржана преку Мисијата на Европската Унија со седиште во Белград.
ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПРЕВОЗНИЦИ
– На овој начин покажавме добра волја и разбирање за проблемите кои би настанале со прекинување на синџирот на снабдување на стока меѓу Западен Балкан и ЕУ и искажавме доверба на ветувањето дека ќе се забрза процесот за изнаоѓање на соодветно решение за професионалните возачи и нивниот престој во Шенген Зоната подолг од 90/180 дена до изгласување на новата визна стратегија.
Професионалните возачи од Западен Балкан истовремено очекуваат најавените разговори да бидат проследени со конкретни чекори и решение кое ќе биде применливо за нив. Доколку не дојде до решение, превозниците би можеле повторно да ги разгледаат своите активности и можноста за протест, имајќи предвид дека проблемот со ограничувањето на престојот директно влијае врз нивното секојдневно работење и врз можноста транспортните компании непречено да ги реализираат договорените превози во земјите од Европската Унија.
Во центарот на спорот е добро познатото правило според кое државјаните на земји надвор од ЕУ можат да престојуваат во Шенген најмногу 90 дена во период од 180 дена. За туристите тоа е јасна граница, но за камионџиите, сепак, е сосема поинаква приказна. Нивното работно место е токму патот низ Европската унија, а секој ден поминат во било која друга шенгенска држава им ја троши истата квота како да се таму приватно. Како можни решенија се споменуваат долгорочни визи, специјални дозволи или продолжен краткорочен престој за точно определени категории работници.