Берзанските индекси на Волстрит во понеделникот забележаа пад, предводен од акциите на производителите на чипови, откако повеќе директори на технолошки компании повикаа на забавување на развојот на вештачката интелигенција поради ризиците од нејзина злоупотреба.
Индексот Dow Jones се намали за 0,29 отсто, на 52.421 поен, S&P 500 падна за 0,48 отсто, на 7.619 поени, додека Nasdaq загуби 0,56 отсто и заврши на 26.186 поени.
Најголем притисок претрпе технолошкиот сектор. Предупредувањата за можните ризици од брзиот развој на вештачката интелигенција ги загрижија инвеститорите, особено имајќи предвид дека технолошките компании вложија милијарди долари во оваа област. Токму инвестициите во ВИ во изминатиот период беа еден од главните двигатели на растот на технолошките акции и на берзанските индекси.
Акциите на Nvidia паднаа за 3,4 отсто, додека Broadcom, AMD и Micron Technology загубија меѓу четири и пет отсто. Индексот PHLX, кој го следи секторот на полупроводници, потона за речиси шест отсто. И покрај овој пад, индексот и натаму бележи раст од околу 57 отсто од почетокот на годината.
Инвеститорите се претпазливи и во пресрет на седницата на американската централна банка во среда, кога се очекува одлука за каматните стапки.
До неодамна пазарите очекуваа Федералните резерви да ги задржат каматните стапки непроменети, но очекувањата се променија по податоците кои покажаа раст на инфлацијата во САД, пред сè поради повисоките цени на нафтата. Според пазарните проценки што ги пренесува Хина, веројатноста ФЕД да ги зголеми каматите за 0,25 процентни поени изнесува речиси 90 отсто.
Негативното расположение се пренесе и на азиските берзи. Индексот MSCI за азиско-пацифичкиот регион во вторникот наутро беше во минус од 0,2 отсто.
Акциите во Индија, Шангај, Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,1 и 0,9 отсто, додека јапонскиот пазар забележа благ раст.