Речиси десет милиони граѓани на Европа и светот учествуваа во јавна анкета на Европската централна банка (ЕЦБ) за новиот дизајн на евро банкнотите, објави финансиската институција.
Вкупно 9,96 милиони луѓе учествуваа во анкетата, која траеше од 23 јули до 21 септември, што претставува околу 2,6 проценти од вкупното население на Еврозоната.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, истакна дека таков масовен одѕив сведочи за големиот интерес на граѓаните за идното појавување на заедничката валута.
Банката нагласува дека одзивот бил силен во сите земји од Еврозоната и кај сите возрасни групи, при што две третини од испитаниците биле лица под 35 години.
Во анкетните прашалници, граѓаните оцениле десет предлози за дизајн во рамките на две тесни тематски единици: „Европска култура“ и „Реки и птици“.
Заедно со јавната анкета, независна агенција за истражување на пазарот спроведе паралелна анкета на репрезентативен примерок од жителите на Еврозоната.
Конечната одлука за избор на нов тематски концепт ќе ја донесе Управниот совет на Европската централна банка на крајот на 2026 година, врз основа на резултатите од двете анкети, препораките на независно жири и техничката проценка, наведува ЕЦБ на својата веб-страница.
Ова ќе биде првата целосна промена во дизајнот на евро банкнотите од нивното воведување во 2002 година.
Новите банкноти нема веднаш да ги заменат постојните, а ЕЦБ вели дека сегашните банкноти ќе ја задржат својата вредност и ќе продолжат да циркулираат заедно со новата серија.
Според банката, новата генерација банкноти ќе има подобрени безбедносни карактеристики со цел поефикасно спречување на фалсификување, но и за подобрување на пристапноста за лицата со оштетен вид.