Предупредувањата и обвинувањата од опозицијата и екологистите не ги менуваат плановите на власта за изградба на Дата центри. Ниту ќе се користи водата од Вардар, ниту ќе се сечат шуми, а најмалку ќе се користи струјата наменета за граѓаните од Универзалниот снабдувач, вели министерот за дигитална трансформација во интервју на ТВ24. Тој ги отфрла критиките на СДСМ и им порачува на еко-здруженијата дека во никој случај нема да се изгради Дата центар доколку студијата за животна средина покаже негативни последици. Андоновски вели нема потреба од ширење на страв, паника, и лажни вести.

Стефан Андоновски министер за дигитална трансформација: Ниту еден проект нема да биде одобрен ако има било каво штетно влијание врз животната средина. Овие примери кои што се спомнуваат како бучева, преголема топлина, тоа се податочни центри со големина колку Општина Аеродром. Ние зборуваме за податочни центри колку една помала фабрика кои би се сместиле во кругот на сегашна железара, или во Охис. Не зборуваме за седум Охиси. Секоја од компаниите самата си утврдува оид каде ќе набавува електрична енергија. Бидејќи се големи потрошувачи дата центрите, голем дел од нив размислуваат за фотонапонски централи од кои сами ќе си произведуваат струја и таа ќе ја искористуваат. “

Но вака не размислува еко активистот Ана Чоловиќ Лешоска. Таа вели дека има сериозни ризици по животната средина. Ни малку не треба да бидеме како држава наивни и да им ја препуштиме земјава на инвеститори од чии инвестиции државата  нема да има буквално никаква корист.

Ана Чоловиќ Лешоска Еко Свест: „Не сме ние подготвени за Дата центрита. Тие носат големи ризици, не сме единствена држава која се двоуми, и се на другата страна на мислењето дека тоа е добар развој, нема да донесе придобивки за нашата држава, тоа секако, чистата вода која не е техничка, треба да ја одвоиме, таа што е за пиење, за тој дата центар, многу струја нема да резултира со голем број вработувања, површина ќе се земе, топлина ќе емитува, тоа значи врз климатските промени ќе имаме уште поголемо влијание. Со еден збор многу повеќе проблеми во однос на бенефит. “

Вчера пак опозицискиот лидер Венко Филипче ја обвини владата дека ги крие сите информации од јавноста за тоа што владата има намера да носи одлуки за големи проекти поврзани со дата-центри без доволно информации за граѓаните. Од СДСМ се на став дека граѓаните треба да знаат кој ќе ги реализира проектите, какви ќе бидат трошоците и какви придобивки ќе има државата…Од партијата особено го критикуваат проектот тврдејќи дека големата потрошувачка на електрична енергија може да влијае врз цената на струјата и достапноста на енергијата за други потрошувачи. Тоа што засега се знае е дека власта бара приватни инвеститори за изградба на дата центри, но веќе е одредена и локација за државниот капацитет на дата центар кој треба да ги спои податоците на  сите државни инстутуции а локациски ќе се наоѓа во Индустриската зона Бунарџик.