Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука со која од 29 септември 2026 година во 00:01 часот малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 1,06 проценти во однос на претходната одлука. Најголемата промена е кај дизелот, чија цена значително се намалува, додека бензините бележат поскапување.
Според одлуката, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 100 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 102 денари за литар, што е зголемување од 1 денар по литар за двата бензина. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се намалува за 4,5 денари и од полноќ ќе изнесува 100 денари за литар. Кај екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) има намалување од 3 денари, па новата цена ќе биде 111,5 денари за литар, додека мазутот М-1 НС ќе се продава по 49,882 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека оваа корекција следи по движењата на светските референтни цени, каде кај дизелот е регистриран пад од 6,734 проценти, а кај бензините минимален раст од 0,049 проценти. Во пресметката е вклучена и владината мерка за намален ДДВ од 10 проценти за ЕУРОДИЗЕЛ, како и намалена акциза од 4 денари по литар за бензините и дизелот.