Околу 6 проценти од домаќинствата во земјата, или приближно 34.900 домаќинства, живеат во повеќедимензионална сиромаштија, покажува најновото научно истражување.

Истражувањето ја мери сиромаштијата во сите 80 општини и осум плански региони преку 12 индикатори. Седум се однесуваат на социо-економски лишености, меѓу кои ниско образование, невработеност на младите, несоодветни санитарни услови, дотраени домови и недостиг од греење и вода, а пет на оддалеченоста од образовни, здравствени и други основни услуги.

Највисока стапка на повеќедимензионална сиромаштија има во Југоисточниот регион – 10,3 проценти, потоа во Вардарскиот со 9 проценти и Североисточниот со 8,9 проценти. Најниска е во Скопскиот регион – 2,3 проценти.

На ниво на општини, разликите се уште поизразени. Во Чашка 71 процент од домаќинствата се повеќедимензионално сиромашни, а следуваат Старо Нагоричане со 66 проценти, Конче со 58, Могила со 56 и Новаци со 49 проценти.

Во истражувањето се посочува дека сиромаштијата е најизразена во малите и оддалечени општини, каде што недостапноста до училиштата и здравствените услуги често се поврзува со ниското образовно ниво. Оттаму оценуваат дека социјалните и развојните политики треба да се насочуваат кон конкретните општини и видови лишеност, а не само кон националните просеци.