Британскиот премиер Енди Барнам оцени дека напуштањето на Европската Унија ѝ донело „повеќе штета отколку корист“ на Велика Британија и најави дека владата ќе разгледа повеќе можности за идните односи со Брисел.
Во првиот говор на годишната конференција на Лабуристичката партија откако ја презеде премиерската функција, Барнам порача дека земјата не може да има јасна долгорочна стратегија без да донесе одлука за своето место во однос на ЕУ, која и понатаму ја опиша како најважен трговски партнер на Британија.
– Постојат различни опции и ќе видиме дали можеме да постигнеме консензус за една од нив, која ќе ни даде јасност за нашата позиција и за иднината на континентот на кој живееме – изјави Барнам.
Велика Британија формално ја напушти ЕУ во 2020 година, четири години по референдумот на кој околу 52 отсто од граѓаните гласаа за Брегзит. Барнам и претходно го опиша периодот по излегувањето од Унијата како време на нестабилност и нарушувања, нагласувајќи дека земјата бара нов економски и меѓународен правец.
Сепак, најавите за промена на односот со ЕУ не значат враќање на Британија во Унијата. Владата зборува за можни модели на соработка и за постигнување политички договор околу идната позиција на земјата.
Покрај европската политика, Барнам најави и промени во изборниот систем. Тој рече дека следната изборна програма на Лабуристичката партија ќе содржи заложба за изборна реформа и најави формирање национална комисија која ќе ги разгледува можностите за промена на системот.
– Во претходните години двапати гласавте за поддршка на изборната реформа. Ве слушам и се согласувам со вас – порача британскиот премиер.
Според Барнам, целта на реформата е секој глас да има поголема тежина и граѓаните подобро да бидат претставени во политичкиот систем.