Ризиците во глобалниот финансиски систем стануваат сè поповрзани, додека меѓународната соработка меѓу банкарските супервизори слабее, предупреди претседателот на Базелскиот комитет за банкарска супервизија, Ерик Тедеен.

Говорејќи на Меѓународната конференција на банкарски супервизори во Бали, Тедеен посочи дека фрагментацијата на глобалната супервизија може да го отежне навременото препознавање и управување со ризиците кои лесно се пренесуваат од една земја и финансиски пазар на друг.

Според него, послабата меѓународна координација може да создаде и поголем простор за таканаречена регулаторна арбитража, односно финансиските институции да ги насочуваат активностите кон пазари каде што правилата и надзорот се поблаги.

Посебен предизвик претставуваат новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, кои можат да создадат нови видови ризици и да ја зголемат меѓусебната поврзаност на финансиските институции.

Базелскиот комитет истовремено продолжува да инсистира на целосна примена на реформите познати како Базел III, воведени по глобалната финансиска криза со цел банките да располагаат со поголем капитал и подобра заштита од идни финансиски шокови.

Пораката до банкарскиот сектор е дека во услови на геополитички тензии, технолошки промени и сè поголема поврзаност на финансиските пазари, националниот надзор сам по себе не е доволен и дека прекуграничната соработка останува клучна за финансиската стабилност.