Комерцијална банка е прогласена за „Најдобра банка во Македонија за 2026 година“ од угледниот меѓународен финансиски магазин Global Finance, со што по јубилеен 15-ти пат го добива ова признание.

Наградата претставува потврда за континуираниот развој на Банката, нејзината стабилност, силните деловни резултати, вложувањата во дигитализација и иновации, како и за пристапот насочен кон потребите на клиентите.

Од Комерцијална банка посочуваат дека признанието доаѓа во период на зголемена неизвесност на глобалните финансиски пазари, кога банките се соочуваат со геополитички предизвици, регулаторни притисоци и засилена конкуренција од финтек секторот.

„Оваа јубилејна награда е големо признание за посветеноста, професионалноста и знаењето на целиот тим на Комерцијална банка. Таа е резултат на нашата јасна стратешка визија и на континуираното инвестирање во иновации, дигитални решенија и квалитет на услугите. Пред сè, ова е награда која ја делиме со нашите клиенти и партнери затоа што нивната доверба е наша силна мотивација“, изјави Хари Костов, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Со признанието, Комерцијална банка повторно се вбројува меѓу банките наградени во рамки на 33-то издание на годишните награди на Global Finance, кои опфаќаат финансиски институции од повеќе од 150 земји.

Основачот и уреднички директор на Global Finance, Џозеф Д. Џарапуто, истакна дека наградите за 2026 година се насочени кон институциите кои успешно управуваат со средствата и обврските, а истовремено инвестираат во дигитални иновации и вештачка интелигенција со цел да одговорат на променливите потреби на клиентите.

При изборот на најдобрите банки, магазинот ги анализира квантитативните показатели, како растот на активата, профитабилноста, развојот на нови бизниси и производни иновации, но и квалитативни оценки од финансиски аналитичари, банкари, директори и банкарски консултанти.

Од Банката најавуваат дека и во следниот период ќе продолжат со инвестиции во дигиталната трансформација, развојот на иновативни финансиски услуги и создавањето одржливи решенија за граѓаните и компаниите.