Албанија, Србија и Црна Гора побрзо се приближуваат кон европскиот стандард, додека Македонија останува на околу 42 проценти од просечниот БДП по жител. Со раст од 2,4 проценти годишно, ниска продуктивност, недоволни инвестиции и со сè помалку работници, Светската банка предупредува дека без структурни реформи, ЕУ ќе биде сè подалечна, а демографијата дополнително ќе го ограничува економскиот потенцијал.

Со просечна стапка на економски раст од околу 2,4 проценти, Македонија тешко ќе може да го намали економскиот јаз со Европската Унија, предупредува Светската банка. Дополнителен ризик за идниот раст е недостигот на работна сила – проблем што веќе го чувствуваат компаниите, а кој, со стареењето и со намалувањето на работоспособното население, може дополнително да се продлабочи во следните години. Без доволно работници, повисока продуктивност и поголеми инвестиции, потенцијалот за забрзан економски раст останува ограничен.

Колку е бавно приближувањето кон ЕУ покажува и споредбата со земјите од регионот. Албанија, Србија и Црна Гора во изминатата деценија го намалиле доходовниот јаз со просекот за седум до десет процентни поени. Македонија успеала да го намали за само четири процентни поени, достигнувајќи околу 42 проценти од просечниот БДП по жител во однос на ЕУ.

Во извештајот, Светската банка оценува дека земјава, по осамостојувањето, успеала за помалку од две децении да премине од земја со понизок среден доход во земја со повисок среден доход, но во изминатите 17 години останала на тоа плато. Со сегашното темпо, целосната конвергенција со европскиот стандард станува сè подалечна цел.

Токму на проблемот со работната сила предупреди и премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека демографските промени денес сè уште не се целосно видливи, но дека во следните 15 до 20 години може да станат сериозен економски и социјален проблем.

– Ние го сменивме Законот за работни односи и дозволивме оној што се чувствува работоспособно да може да го продолжи својот работен век до 67, па и до 70 години. Тоа е тренд насекаде во Европа и во светот и јас зборував за тоа многу пати во минатото. Она што јас го зборував, ние поалармантно ќе го почувствуваме за 15 до 20 години. Сега сè уште имаме одреден резервоар од минатото, но по 20 години состојбата ќе биде алармантна – рече Мицкоски.

Тој посочи дека во моментов во земјава има 709 илјади регистрирани вработени и дека за интензивен економски раст од пет проценти би биле потребни најмалку 800 илјади вработени.

– Ние во моментов треба да најдеме нови 90 илјади вработени што создаваат доход. Се плашам дека за 15 до 20 години тој број ќе биде под 500 илјади. Тогаш ќе настанат вистински проблеми и за пензискиот и за здравствениот систем, но и за економијата во целина – изјави премиерот.

Мицкоски смета дека треба да се бара решението и преку семејните политики, со цел да се влијае на демографските трендови, бидејќи во спротивно, како што предупреди, земјата ќе биде принудена да увезува работна сила.

– Затоа, кога зборувам за семејните политики, треба сериозно да бидам сфатен. Тоа е начинот, бидејќи во спротивно ќе треба да увезуваме работна сила, што носи нови предизвици. Еве, во развиените земји, поради неконтролираното увезување работна сила, се менува демографската структура – рече Мицкоски.

Предупредувањата на премиерот за демографијата се совпаѓаат со оценките на Светската банка дека намалувањето и стареењето на работоспособното население се едни од клучните ризици за идниот економски раст на земјава. Иселувањето дополнително го намалува расположливиот човечки капитал, додека компаниите сè потешко обезбедуваат работници со потребните знаења и вештини.

Проблемот со човечкиот капитал, според Светската банка, е уште посложен. Учеството на жените на пазарот на трудот е за 19 процентни поени пониско од она на мажите, додека 24 проценти од младите не се ниту вработени ниту во образование или обука. Иако се зголемува образовното ниво, околу 22 проценти од работниците се преквалификувани за своите работни места, а квалитетот на образованието опаѓа.

Во извештајот Светската банка предупредува дека платите растат побрзо од продуктивноста, што ја намалува конкурентноста на домашните компании. Истовремено, недоволната продуктивност, ниските приватни инвестиции и слабата технолошка интеграција го ограничуваат потенцијалот за повисок раст.

Светската банка оценува дека сегашниот модел на раст, поттикнуван од приватната потрошувачка и од странските директни инвестиции со ниска додадена вредност и со висок увозен интензитет, постепено ги достигнува своите граници. Дополнителен проблем е високата концентрација на извозот на мал број пазари и производи.

Инвестициите, според извештајот, претежно се насочуваат кон средства што само маргинално го зголемуваат производствениот или технолошкиот капацитет, создаваат помалку конкурентни приноси и го обесхрабруваат понатамошното приватно акумулирање капитал.

Дополнителен структурен проблем е слабата конкуренција. Во 10 од 14 сектори, најголемите компании контролираат повеќе од половина од приходите, што укажува на висока концентрација на економската активност. Светската банка истовремено укажува на слабостите во владеењето на правото и на корупцијата како фактори што го ограничуваат подобрувањето на деловното опкружување и на инвестициите.

Во извештајот се оценува дека Македонија, сепак, има значителни можности да го забрза растот на продуктивноста, да ја зајакне конкурентноста и да го зголеми животниот стандард.

Од Владата, сепак, посочуваат дека се стабилни макроекономските показатели и дека има позитивни движења кај извозот и кај инвестициите.

– Макроекономската слика во земјата е стабилна и сите параметри укажуваат на тоа дека макроекономијата, верувале или не, денес е многу, многу постабилна од која било економија во регионот каде што живееме – рече Мицкоски.

Премиерот посочи и дека во последните два месеци од третиот квартал извозот пораснал за речиси 13-14 проценти, при понизок раст на увозот. Според него, тоа е позитивен показател, особено во услови кога Европската Унија, како најголем трговски партнер на земјава, се соочува со сериозни економски предизвици.

Мицкоски ги поврза позитивните движења со владините политики и со субвенционираните кредити што ги користеле компаниите за инвестиции во посовремено производство.

– Политиката на Владата, заедно со оние субвенционирани кредити што голем дел од компаниите ги зедоа за да инвестираат во понапредно производство, резултира со зголемена инвестициска активност, но исто и со зголемен извоз – рече премиерот.

Светската банка, сепак, оценува дека за долгорочно забрзување на растот ќе бидат потребни повеќе од позитивни краткорочни показатели. Како клучни приоритети ги издвојува подоброто економско управување, посилната конкуренција, поттикнувањето на технологијата, енергетската ефикасност и иновациите, како и подоброто искористување на човечкиот капитал.

Особено важно е земјата да го зголеми учеството на населението на пазарот на трудот, да го усогласи образованието со потребите на компаниите и да создаде услови за задржување на работниците во неа.

Со спроведувањето вакви реформи, Светската банка проценува дека би можел да се зголеми економскиот раст од околу 2,4 на 3,8 проценти годишно до 2050 година, со потенцијал за создавање околу 250 илјади повеќе и подобро платени работни места.

– Додека цената на недејствувањето е стагнација, придобивката од политичкото дејствување може да биде трансформативна во однос на побрз раст, повисоки плати и повеќе работни места – заклучува Светската банка, оценувајќи дека процесот на пристапување кон ЕУ е одлична можност за спроведување на потребниот реформски исчекор.

Оттука, предизвикот за македонската економија не е само да ја одржи макроекономската стабилност туку и да создаде услови за значително побрз и поквалитетен раст. Недостигот на работна сила, ниската продуктивност, недоволните приватни инвестиции и демографското стареење се проблеми што ќе бараат долгорочни политики. Во спротивно, со релативно ниска стапка на раст и со сè помал број работоспособни граѓани, економското приближување кон европскиот стандард ќе остане бавен процес.