Заменик-министерот за економија Марјан Ристески смета дека законското решение со кое недла е неработен ден е неправедно и за работодавачите и за работните кои би сакале да заработат повеќе пари. Тој ова го кажа во вчерашното интервју за „Сител“, а денес го навлече гневот на социјалните мрежи и на синдикатите.
-Ако ме прашање мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден? – праша Ристески и додаде дека сепак, станува збор за негов личен став, а прашањето треба да се разгледа на Економско-социјалниот совет, при што треба да се земат предвид и веќе стекнатите права на работниците.
-Треба да видиме дали тоа би било позитивно за македонската економија или негативно бидејќи политички ад хок решенија не се добри за оваа држава – рече Ристевски.
Тој потенцираше дека барање за враќање на недела како работен ден, бараат и стопанските комори.
ССМ: И сабота е неработен ден, а најмногу се злоупотребува
Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, вели дека не сме изненадени од изјавата на заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристевски за укинување на недела неработен ден без оглед дали е дадена како личен став или како владина политика.
-Со изјавата „Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден“, која ја дал заменик-министерот Ристески тој се става во улога на мегафон на газдите со кои очигледно има идентичен став и се надоврзува на барањето за укинување на празниците, па така, покрај газдите, сè почесто и функционерите зборуваат за кратење на работничките права – вели Трендафилов.
Тој вели дека ССМ на Ристески му порачува дека и сабота е неработен ден, а дека истиот газдите најмногу го злоупотребуваат, нешто што работниците секојдневно го зборуваат, а креаторите на политиките се прават дека не го гледаат и слушаат.
-ССМ најостро се спротивставува на ваквите намери за кратење на работничките права, а укажува дека функционерите треба да бидат претпазливи во давањето на изјавите со кои го откриваат своето вистинско лице и навестуваат дека тие се политичари кои се против работниците. ССМ нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите – вели Трендафилов.
Гласен текстилец: Работниците не се машини
И Гласен текстилец, како што соопшти, најостро ја осудува изјавата на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
-Ваквите изјави претставуваат директен удар врз стекнатите работнички права и обид за враќање назад кон практиките на експлоатација на работниците. Како едни од иницијаторите за законското решение со кое недела стана ден за неделен одмор, потсетуваме дека ова право не беше подарено од ниту една влада, туку беше резултат на долгогодишна борба, истражувања, сведоштва на работници и притисок од граѓанскиот и синдикалниот сектор – велат од Гласен текстилец.
Оттаму потсетуваат дека постојното законско решение и онака предвидува бројни исклучоци за дејности во кои работниот процес бара континуитет, како и можност за работа на трговските објекти во туристичките места.
-Оттука, тезата дека недела како неработен ден го оневозможува функционирањето на стопанството е неоснована – децидни се во Гласен текстилец.
Според нив, особено загрижува аргументот дека на работниците им се ускратува можноста да заработат повеќе преку работа во недела.
-Се прашуваме во која реалност живее заменик-министерот и дали е запознаен со состојбите во приватниот сектор во Македонија? Токму поради непостоењето веродостојна евиденција на работното време, манипулациите со одработените часови, неплатената прекувремена работа и неисплаќањето на законски предвидените додатоци за работа на празник, Гласен текстилец беше меѓу иницијаторите за воведување на ова законско решение. Од нашата долгогодишна теренска работа и секојдневна комуникација со работниците, сведочиме дека овие прекршувања се масовна појава во приватниот сектор. Ако работодавачите не ги плаќаат ниту прекувремените часови, ниту работата на државен празник, врз основа на што заменик-министерот гарантира дека ќе ја плаќаат работата во недела? – прашуваат од Гласен текстилец.
Гласен текстилец порачува и дека „наместо Министерството за економија и труд да се занимава со укинување на стекнатите работнички права, очекуваме да се занимава со обезбедување достоинствени плати, задолжителна и веродостојна електронска евиденција на работното време, зајакнување на инспекциските механизми и санкционирање на работодавачите кои ги прекршуваат законите“.
„Доколку навистина постои грижа за економската благосостојба на работниците, тогаш зголемете ги нивните плати, наместо да им го одземате единствениот заеднички ден за одмор со нивните семејства. Работниците треба да можат достоинствено да живеат од својата редовна плата, а не да бидат принудени да се откажат од одморот за да обезбедат основна егзистенција.
Работничките права не смеат да бидат предмет на пазарење со стопанските комори. Економскиот развој не смее да се темели на евтина работна сила, неплатен труд и жртвување на приватниот и семејниот живот на работниците“.
Гласен текстилец потенцира дека јавно и недвосмислено порачува дека нема да дозволи уназадување на ова стекнато работничко право.
„Доколку се пристапи кон законски измени со кои недела повторно би станала редовен работен ден, ќе ги повикаме работниците, синдикатите, граѓанските организации и пошироката јавност на масовни протести, мирна граѓанска непослушност и организиран отпор“, велат од Гласен текстилец.
Тие велат, ако треба пак ќе се борат за правото за кое се изборија.
-Работниците не се машини. Нивното достоинство, здравје и право на одмор не се предмет на преговори! – велат од Гласен текстилец.