Македонската економија годинава ќе порасне за 0,3 процентни поени повеќе од претходно очекуваното, оценува Светска банка во најновиот извештај за Западен Балкан. Во второто тримесечје земјава остварила раст од 4,3 проценти во споредба со истиот период лани, највисок во регионот. Но, добриот резултат за овие три месеци не значи и толкав раст за целата година, за која Светска банка предвидува 3,2 проценти, а за следните две години по 3 проценти. Овие прогнози покажуваат дека економијата се држи и покрај тешките надворешни услови, но за трајно побрз развој останува да ги реши слабостите што ја кочат.

„Растот се проектира на 3,2% во 2026 година, поддржан од приватната потрошувачка и инвестициите, и се очекува да остане на околу 3% до 2028 година. Просечните царини за сите стоки увезени во Западен Балкан изнесуваат околу 6 проценти, но нетарифните мерки додаваат уште 10 проценти трошок на увозот. Континуираното спроведување на структурните реформи, поткрепено со Планот за раст на ЕУ, ќе биде неопходно за зголемување на потенцијалниот раст, обновување на фискалните резерви и зајакнување на отпорноста.“

Од Владата се пофалија со подобрените оценки. Највисок економски раст во Западен Балкан, во вториот квартал најмногу е по заслуга на градежништвото, кое пораснало за речиси 22 проценти. Според Владата, изградбата на инфраструктура носи работа и за превозниците, производителите и другите домашни компании.

Светска банка очекува македонската економија годинава да порасне за 3,2 проценти, а ММФ за 3,5 проценти. Владата со последниот ребаланс на Буџетот планира раст од 3,5 проценти, помал од првично очекуваните 3,8 проценти. Дали ќе остане на оваа проекција, ќе се знае, откако ќе биде претставен новиот ребаланс кој се очекува деновиве.