Трговијата и преработувачката индустрија се двата столба на македонската деловна активност, покажуваат најновите статистички податоци за 2025 година. Речиси секој втор вработен во пазарноориентираните деловни субјекти работи токму во овие два сектора, кои заедно обезбедуваат работно место за повеќе од 202 илјади лица.

Според претходните структурни деловни статистики на Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2025 година во Македонија биле евидентирани 428.235 вработени во 70.843 деловни субјекти. Тие оствариле вкупен промет од 2.226.478 милиони денари, додека бруто-додадената вредност достигнала 522.087 милиони денари.

Најголем промет остварила трговијата на големо и мало, со 860.943 милиони денари, односно 38,7 проценти од вкупниот промет во деловниот сектор. Следува преработувачката индустрија со 544.567 милиони денари, што претставува 24,5 проценти од вкупниот износ.

Сепак, кога станува збор за создавањето нова економска вредност, преработувачката индустрија е на првото место. Овој сектор создал бруто-додадена вредност од 136.790 милиони денари, односно 26,2 проценти од вкупната вредност. Трговијата учествува со 20 проценти, или 104.538 милиони денари.

Значајно место има и градежништвото, чии компании создале додадена вредност од 52.467 милиони денари, што претставува 10 проценти од вкупната сума.

Информациско-комуникацискиот сектор, во кој спаѓаат телекомуникациите, компјутерското програмирање, консултантските и другите информатички дејности, учествува со 9,2 проценти во вкупната бруто-додадена вредност, односно со 47.881 милион денари.

Овие четири сектори заедно создаваат повеќе од 65 проценти од вкупната бруто-додадена вредност на пазарноориентираните деловни субјекти во земјата.

Индустријата и трговијата вработуваат речиси половина од работниците

Преработувачката индустрија е најголемиот работодавач во земјата, со 111.149 вработени во 8.172 активни претпријатија. На второто место е трговијата на големо и мало, каде што работат 91.463 лица во 19.542 деловни субјекти.

Заедно, овие два сектора обезбедуваат работни места за 202.612 лица, односно 47,3 проценти од вкупниот број вработени опфатени со статистиката.

Останатите вработени се распределени во повеќе економски дејности. Во градежништвото работат 31.454 лица, во транспортот и складирањето 30.115, додека во стручните и техничките дејности се вработени 25.709 лица.

За трошоци поврзани со вработените, деловните субјекти во текот на 2025 година издвоиле вкупно 281.093 милиони денари.

Податоците на ДЗС покажуваат дека трговијата и индустријата остануваат најзначајни сектори според прометот и бројот на работни места, додека преработувачката индустрија има најголем придонес во создавањето бруто-додадена вредност.