Растот на државната задолженост може дополнително да ја усложни борбата против инфлацијата и да ги принуди централните банки да одржуваат повисоки каматни стапки за да ја зачуваат ценовната стабилност. Ова е еден од главните заклучоци во истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ), насловено „Монетарната политика во услови на висок јавен долг“.
Според анализата, јавниот долг значително се зголемил по глобалната финансиска криза, како во еврозоната, така и во Соединетите Американски Држави. Дополнителен притисок врз државните буџети создаваат инвестициите во зелената транзиција и зголемените издвојувања за одбрана.
Еден од начините на кои задолжувањето може да влијае врз инфлацијата е зголемувањето на потрошувачката. Кога државата позајмува пари за дополнителни расходи или исплати кон населението, граѓаните дел од тие средства ги трошат, со што се зголемува побарувачката за производи и услуги. Ако понудата не може да го следи тој раст, се создава притисок врз цените.
Централните банки вообичаено реагираат со зголемување на каматните стапки, со што се поскапуваат кредитите и се ограничуваат потрошувачката и инвестициите. Но, според истражувањето на ЕЦБ, при висока државна задолженост оваа мерка може да има и несакани последици.
Повисоките камати значат и поголеми трошоци за идното задолжување на државата. Така, мерката со која централната банка се обидува да ја намали инфлацијата може дополнително да го зголеми јавниот долг, а со тоа да создаде нови инфлациски притисоци. Економскиот модел на ЕЦБ покажува дека во одредени услови поагресивното зголемување на каматите може само ограничено да ја намали инфлацијата на подолг рок, а во некои случаи дури и да придонесе за нејзино зголемување.
Истражувањето ја нагласува и поврзаноста меѓу јавниот долг и таканаречената природна каматна стапка – нивото на каматите при кое побарувачката е усогласена со производствените можности на економијата, а инфлацијата останува стабилна.
Како пример се наведуваат проценки за САД, според кои зголемување на јавниот долг за еден процентен поен од БДП е поврзано со раст на долгорочните каматни стапки за околу 0,03 процентни поени.
Посебно внимание привлекува теоретската граница од околу 540 проценти од годишниот БДП, пресметана во основниот модел на истражувањето. Над ова ниво, според претпоставките на моделот, ниту многу високите каматни стапки не би можеле целосно да го неутрализираат влијанието на јавниот долг врз побарувачката и инфлацијата.
Од ЕЦБ, сепак, нагласуваат дека ова е теоретска проценка, а не препорачано или безбедно ниво на задолженост. Проблемите може да се појават многу порано, бидејќи високиот јавен долг ја отежнува контролата врз инфлацијата.
Истражувањето потсетува и на критериумите од Договорот од Мастрихт, со кои референтното ниво за јавниот долг е поставено на 60 проценти од БДП, а за буџетскиот дефицит на три проценти.
Заклучокот на ЕЦБ е дека централните банки треба да го следат и нивото на јавната задолженост при носењето одлуки за монетарната политика. Тоа не значи дека треба да ја преземат улогата на владите во управувањето со јавните финансии, туку дека мора да ги земат предвид последиците од фискалната политика врз инфлацијата и каматните стапки.