Кинескиот претседател Шји Џјинпинг во разговор со оманскиот султан Хајтам бин Тарик ал-Саид изјави дека Блискиот Исток и Заливот не смеат да станат област на натпревар меѓу големите сили. Тој рече дека Кина е подготвена да соработува со арапските држави за да постигне траен мир, објави Ројтерс.
Шји му порача на оманскиот султан дека светот е во процес на длабоки промени. „Блискиот Исток и регионот на Заливот не смеат да станат арена за соперништво меѓу големите сили и геополитички конфликти. Мирот и стабилноста во регионот бараат заеднички напори и заштита од сите страни“, пораката на кинескиот претседател ја објави Министерството за надворешни работи.
Тој додаде дека Кина е постојано посветена на запирање на војната и се надева дека ќе придонесе со „мудрост и решенија за решавање на безбедносните дилеми во регионот“. Кина, според Шји, сака да ја зајакне комуникацијата и координацијата со арапските земји, вклучително и Советот за соработка во Заливот, за да работат заедно за враќање на мирот и постигнување трајна стабилност и безбедност.
Во заедничка изјава од 20 точки, Кина и Оман се согласија дека мора да се врати нормалната и безбедна пловидба во Ормускиот теснец. Двете земји, исто така, ги повикаа САД и Иран да се стремат кон мирни решенија, да се вратат на јунскиот договор насочен кон прекин на конфликтот и да го продолжат дијалогот.
Кинеското Министерство за надворешни работи објави дека нејзиниот специјален претставник за Блискиот Исток, Жаи Џун, ќе ги посети Иран, Оман и Саудиска Арабија овој месец. Султанот Хаитам пристигна во Пекинг во неделата на дводневна посета, прва посета на шеф на држава од Оман на Кина откако двете земји воспоставија односи во 1978 година.