Државниот завод за ревизија почна со подготовка на Годишната програма за работа за 2027 година и ги повикува граѓаните, институциите и граѓанските организации да предложат институции и области за кои сметаат дека е потребна државна ревизија. Предлозите може да се достават најдоцна до 1 декември годинава, електронски или во хартиена форма.
Граѓаните, институциите, организациите и граѓанските здруженија можат да учествуваат во утврдувањето на приоритетите за државна ревизија во 2027 година. Државниот завод за ревизија започна со подготовка на Годишната програма за работа и ги повикува сите заинтересирани да достават предлози за институции, субјекти и области за кои постои јавен интерес да бидат предмет на ревизија.
Од Заводот посочуваат дека со вклучувањето на јавноста се настојува да се зголемат транспарентноста и учеството на граѓаните во утврдувањето на ревизорските приоритети.
Предлозите ќе бидат разгледани при изготвувањето на програмата, а конечниот избор на ревизиите ќе се врши врз основа на процената на ризиците, расположливите ресурси, професионалните стандарди и стратешките документи, меѓу кои Стратешкиот план за ревизија за периодот 2024–2027 година и Националната развојна стратегија 2024–2044 година.
Рокот за доставување предлози е 1 декември 2026 година. Тие може да се испратат електронски преку веб-формуларот „Барање за ревизија“ на веб-страницата на Државниот завод за ревизија или во хартиена форма на адресата на Заводот, на улицата „Павел Шатев“ број 2 во Скопје.
Годишната програма ја донесува Главниот државен ревизор, а најдоцна до крајот на декември ќе биде доставена до Собранието и објавена на веб-страницата на ДЗР.
Од Заводот нагласуваат дека учеството на јавноста придонесува за препознавање на прашањата од јавен интерес и за унапредување на отчетноста, транспарентноста и одговорното управување со јавните средства.
Повеќе информации и формуларот за доставување предлози се достапни на веб-страницата на Државниот завод за ревизија.