Две домашни банки и повеќе инвеститори покажале интерес за преземање на Алта банка Битола, соопшти гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на денешната прес-конференција. Тој потврди дека претставници на две домашни банки денеска се сретнале со него, но не ги откри нивните имиња ниту имињата на заинтересираните инвеститори.
Славески рече дека продажбата на банката е најпосакуваното решение, со кое би се заштитиле имотот и штедните влогови на граѓаните. Како што посочи, стечајот не е посакувана опција, но се разгледуваат и други можности за случај на неповолен развој на настаните.
Народната банка воведе привремена управа во Алта банка Битола на 1 ноември. Банката продолжува да работи, има ликвидност и е добро капитализирана, а привремената управа ќе остане до промена на сопственоста.
Сепак, електронското банкарство не функционира, а правните лица немаат пристап до филијалите. Поради тоа, дел од компаниите што имаат сметки во банката сè уште не успеале да ги исплатат октомвриските плати. Славески најави дека проблемот треба да биде решен следната недела.
Пред да ги понуди акциите на продажба, Народната банка треба да добие одговор од српската Агенција за осигурување на депозити, која управува со белградската Алта банка, сопственик на повеќе од 95 проценти од акциите на битолската банка. Рокот за одговор истекол во четвртокот, а гувернерот најави дека во понеделник ќе знае дали дописот е пристигнат.
Славески потврди и дека за влезот на Алта банка на македонскиот пазар, при преземањето на поранешната Стопанска банка Битола, се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски.