Македонија на дното, на 41 место во Европа по проектиран БДП по жител, ММФ ги разби бајките на Мицкоски за трета економија, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче. Тој посочи дека ова е реалната состојба на македонската економија, а не бајките на Мицкоски за трета економија во Европа и лагите за најбрз раст на платите и пензиите.

„Каква трета економија, Македонија е на дното во Европа.Според ММФ Македонија е на 41 место меѓу 48 европски економија по проектиран БДП по жител.Проекциите на ММФ велат БДП по жител во Македонија ќе изнесува 11.762 долари. Од земјите во регионот, пред нас се Србија, Црна Гора, Албанија. Ова е сè она што СДСМ го зборува последната година.Сега потврдено и од ММФ“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека македонската е далеку зад најбогатите економии во Европа, а граѓаните секојднево на свој грб ја чувствуваат разликата.

„Разликата со најбогатите европски економии останува огромна.Ова е реалната состојба на македонската економија. Не бајките на Мицкоски за трета економија во Европа. Не лагите за најбрз раст на платите и пензиите. Граѓаните оваа реалност многу добро ја знаат, ја чувствуваат секој ден.Цените се до плафон а платите стагнираат. Кошничката е 90 илјади денари со стан, ниту три плати не се доволни да се покријат месечните трошоци“, рече Филипче.

Притоа, Филипче порача дека зад пропагандата на власта се крие економска политика која ја задолжува државата, ги осиромашува граѓаните и не нуди никаква перспектива.

„ Реалноста е дека има 4 милијарди евра ново задолжување за две години. Реалноста е дека луѓето живеат полошо.Реалноста е очекуваното поскапување на парното и струјата.Реалноста е дека нема зголемување на минималната плата – само бајки“, рече Филипче.