Косовските власти вратиле две пратки млечни производи од Македонија, со вкупна тежина од 12.268 килограми, поради претходно утврдени неправилности поврзани со безбедноста на храната и хигиената во производството.
Станувало збор за прехранбени кремови со растителни масти и производи од сирење, произведени од АД „Млекара Тетово“,пренесува „Радио Ким“. Пратките биле наменети за компанијата „VIZIONI M.Z.I.I“ од Преоце, во близина на Грачаница, но биле запрени на граничниот премин Генерал Јанковиќ.
Косовската Агенција за храна и ветеринарство ја одбила пратката врз основа на забраната за увоз на производи од овој производител, воведена на 6 ноември. Како причина ги навеле повторени прекршувања на критериумите за безбедност на храната и недостатоци во хигиената при производството, пренесува медиумот.
Според соопштението на Агенцијата, лабораториските анализи на претходни пратки покажале присуство на бактеријата ешерихија коли над дозволените граници.
Првата пратка тежела 7.368 килограми и ги содржела производите „Natura Delikates“, „Duble Cream Masterfood“, „Extra Delikates Aksion“ и „Kravjo Sirenje“. Втората, со тежина од 4.900 килограми, содржела „Natura Sharplaninska“ и „Cream Extra Masterfood“.
Од косовската Агенција нагласиле дека ниту една од двете пратки не била пуштена во продажба на косовскиот пазар. Лабораториските наоди за ешерихија коли се однесуваат на претходни пратки, а не на производите што сега биле вратени.