Изградбата на автопатот Скопје–Блаце ќе чини 191 милион евра, а подготвителните работи на терен се завршени и започнати се активностите за изградба на петте тунели на трасата. Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, сумата се однесува на договорот за изведба, додека повисоките износи што се споменуваат во јавноста ги вклучуваат и надзорот, техничката поддршка и 15 проценти непредвидени средства.
Според Николоски, експропријацијата на земјиштето ќе се врши по пазарни цени, кои ќе се движат од 50 до 100 евра за квадратен метар, зависно од категоријата на земјиштето.
Министерот нагласи дека автопатот има значење за регионалното поврзување и економијата, бидејќи ќе овозможи подобра комуникација со Косово, Црна Гора и пристаништата во Солун, Драч и Бар.
Паралелно, се интензивираат и градежните активности за рехабилитација на автопатот на Коридорот 10, од Гевгелија до граничниот премин Богородица. Зафатот опфаќа околу пет километри, а асфалтирањето се одвива и во ноќни часови. Николоски најави дека наскоро овој дел ќе добие современа инфраструктура и ќе претставува модерен влез во државата.