Европската инвестициска банка (ЕИБ) досега обезбедила финансирање во вкупен износ од 1,65 милијарди евра за 34 проекти во Македонија, со фокус на развојот на инфраструктурата, енергетската сигурност, поддршката на малите и средните претпријатија и зелената транзиција на домашната економија, покажуваат официјалните податоци на банката.
Во најновиот извештај за влијанието на ЕИБ Глобално за 2025–2026 година, објавен на 24 ноември 2026 година, банката ја истакнува својата улога во подобрувањето на инфраструктурната поврзаност на земјите од Западен Балкан.
Од 2004 година, ЕИБ обезбедила 3,4 милијарди евра за 37 стратешки патни проекти во регионот, придонесувајќи за мобилизирање инвестиции во вкупна вредност од 6,9 милијарди евра.
Со ова финансирање е поддржана модернизацијата на повеќе од 4.700 километри патишта во Западен Балкан, од кои околу 1.600 километри се дел од Трансевропската транспортна мрежа.
Поддршка за македонските компании и банкарскиот сектор
Во соработка со Делегацијата на Европската Унија, Развојната банка и домашните комерцијални банки, ЕИБ обезбедува финансиска поддршка за македонските претпријатија, наменета за модернизација на производството, енергетска ефикасност и намалување на јаглеродните емисии.
Преку Програмата за зазеленување на финансиските системи, ЕИБ соработува и со Народната банка и домашните комерцијални банки за унапредување на управувањето со климатските ризици и поттикнување на зелените инвестиции.
Во септември 2026 година, Народната банка, во соработка со ЕИБ и надлежните домашни институции, го започна процесот на изработка на национална зелена таксономија. Станува збор за систем за класификација на еколошки одржливите економски активности, кој треба да го олесни насочувањето на капиталот кон зелени инвестиции и усогласувањето со стандардите на Европската Унија.
Инвестиции во енергетиката и инфраструктурата
Меѓу инфраструктурните проекти што ги поддржува ЕИБ во Македонија се изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје и гасниот интерконектор со Грција.
Во рамките на европската иницијатива „Глобална порта“ (Global Gateway), ЕИБ има за цел да го финансира и источниот дел од железничкиот Коридор VIII, кој ја поврзува Крива Паланка со бугарската граница.
За помалите инвестициски проекти, со заеми под 25 милиони евра, заинтересираните компании можат да се обратат до локалните финансиски партнери на ЕИБ, додека за поголемите проекти е предвиден директен контакт со локалната канцеларија на банката.