Oваа инвестиција е доказ за стимулативноста на владините економски политики, за реалните економски ефекти кои ги испорачува спроведувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите како дел од владиниот План за економски раст, истакна денеска министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска на свеченото отворање на новиот производствен погон на австриската компанија „Текспорт“ во село Марино, што се занимава со производство на противпожарна заштитна облека.
Иразувајќи задоволство дека компанијата минатата година потпиша Договор за финансиска поддршка, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, министерката Апостолска истакна дека новиот погон, во кој се инвестирани околу три милиони евра, ќе значи отворање на нови и добро платени работни места за граѓаните од регионот на Скопје и Општина Илинден, истовремено овозможувајќи пристап до современа технологија, напредни знаења и вештини, како и богати менаџерски искуства.
– Во развојните планови на компанијата се проектира отворање и на нови 140 дополнителни работни места, што потврдува дека оваа компанија го препознава атрактивното деловно опкружување и стимулативниот амбиент за реализација на долгорочни инвестициски проекти, рече министерката и порача дека Владата останува силно фокусирана на поддршка на конкретни инвестиции во реалната економија и идустријализацијата на земјата.
Сопственикот на компанијата, Отмар Шнајдер рече дека со 5.000 квадратни метри производствен и магацински простор, компанијата ќе ги удвои производствените капацитети во Скопје, притоа истакнувајќи дека со изградбата на новиот погон за 14 месеци успеале да ги реализираат зацртаните развојни планови.
– Благодарение на највисокото ниво на квалитет на материјалот, дизајнот и изработката, успеавме да го достигнеме врвот на светкиот пазар во нашата индустрија. Опремивме пожарникари од Бразил, преку Европа, Блискиот Исток, па се до Кина, рече Шнајдер.
Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски во своето обраќање се осврна на значењето кое оваа инвестиција ќе го има за локалниот економски развој и создавањето на нови работни места за граѓаните на оваа скопска општина.