ТТК банка АД Скопје и Универзална инвестициона банка АД Скопје ќе започнат со вршење работи на застапување во осигурувањето по добивање на претходна согласност за вршење на финансиската активност застапување во осигурување од Народна банка на Република Северна Македонија, откако Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување даде согласност на седницата одржана на 27-ми овој месец.
Со тоа, како што информираат од Агенцијата, бројот на овој тип банки кои се вклучени во банкоосигурување ќе се зголеми на осум, покрај постојните шест (Охридска банка АД Скопје, НЛБ банка АД Скопје, Шпаркасе банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје, Стопанска Банка АД Скопје и Комерцијална банка АД Скопје).
-Банкоосигурување како концепт на вклучувањето на банките во продажбата на осигурителните производи се појавува во осумдесеттите години на XX век во Европа со што започнува развојот на банкоосигурувањето и оттогаш се повеќе се распространува низ светот. Во најтесна смисла, банкоосигурување подразбира продажба на осигурителни производи преку банка, додека во поширока смисла се дефинира како заеднички зафат на банките и на друштвата за осигурување со цел да овозможат осигурителните производи да допрат до корисниците на банкарските услуги, се наведува во соопштението од Агенцијата за супервизија на осигурување.
Податоците, како што е посочено од Агенцијата, сведочат за тоа дека искуствата со банкоосигурувањето во овие неколку години се позитивни, односно во релативно краток рок се забележува пораст на бруто полисираната премија (БПП) преку овој дистрибутивен канал, а воедно банките покажуваат подготвеност да ја подобрат својата пазарна позиција и да ја зголемат конкурентноста преку понудата на интегрирани или врзани банкарски и осигурителни производи.
На крајот на 2018 година (БПП: 327.056 илјади денари), во споредба со 2015 година (БПП: 39.357 илјади денари) е забележан пораст од 731 проценти во БПП остварена преку банкоосигурување. Во вкупната БПП реализирана во 2018 година, банкоосигурувањето учествува со 3,3 проценти. Анализирано по сегменти, банкоосигурувањето е присутно со изразено учество во застапувањето во осигурување со 16,7 проценти во БПП од осигурување на живот и со 0,6 проценти во БПП од неживотното осигурување.