Поради недоволен број на жени, Парламентарното собрание на Советот на Европа ги оспори овластувањата на македонската делегација. Во делегацијата од шест члена има само две жени, што не е доволно.

Зимската сесија на ПССЕ започна со верификација на овластувањата на националните делегации, при што на повеќе делегации им беа оспорени овластувањата поради недоволна родова застапеност, поточно недоволна застапеност на жените во составот на делегациите, јавува дописникот на МИА.

Собранието на Северна Македонија со 46 жени парламентарки, односно со 38,3 отсто од вкупниот состав, се наоѓа на 21-то место на светско ниво. Но, во делегацијата во ПССЕ од шесте членови само 2 се жени, што претставува 30 отсто од делегацијата.

Ова барање за оспорување на составот на делегацијата го истакна унгарската пратеничка Зита Гурчаи од групата на социјалистите и демократите.

Покрај за Македонија, овластувањата се оспорени и за уште неколку други земји, како Швајцарија или Шведска. Тоа значи дека сè до одлуката на ПССЕ, македонските парламентарци ќе можат да заседаваат во ПССЕ, но не ќе можат да гласаат.

Шеф на македонската делегација е пратеникот Бетиан Китев од СДСМ, а членови се Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ и Шпреса Хадри од ДУИ. Заменици членови се Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Африм Гаши од Алтернатива и Фросина Ташевска – Ременски од СДСМ.

Инаку на почетокот од годинашнава сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, парламентарците од 47 земји членки го избраа белгискиот сенатор Хендрик Даемс за свој претседател. Претседателството со ПССЕ е ротирачко меѓу парламентарните групи. Белгискиот сенатор доаѓа од групата на Европските демократи либерали со мандат од една плус една година. Тој на оваа функција ја наследи швајцарската парламентарка Лилијан Мори Паские.