Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беа усвоени Годишниот извештај на Народната банка за 2020 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2020 година.

Извештајот посочува дека во 2020 година ликвидносната позиција на банките дополнително се подобри, поради растот на ликвидните средства. Следствено, поголемиот дел од показателите преку кои се следи и се оценува ликвидноста забележаа подобрување. Показателите преку коишто се следи квалитетот на кредитното портфолио на банките, исто така, бележат подобрување во 2020 година. Имено, учеството на нефункционалните во вкупните кредити се намали до историски најниското ниво од 3,4%. Слично движење бележат и учествата на нефункционалните кредити во вкупните кредити на корпоративниот сектор и на домаќинствата, коишто на крајот на 2020 година изнесуваат 5,2% и 1,6%, соодветно.

Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем и минатата година продолжи со профитабилно работење, што е особено значајно за одржување на капиталната позиција на банките, односно на нивната стабилност и отпорност.