Предлагачот на измените на законот, Министерството за економија, очекува да се поедностави и скрати времетраењето на постапката за отворање фирма.

Првото вработување на основачите на фирма ќе се реализира без објавување на оглас за вработување. Тие ќе се сметаат за вработени од моментот кога ќе поднесат пријава за основање на фирмата во Централниот регистар кој пак преку едношалтерскиот систем нивното вработување ќе го пријави во Агенцијата за вработување, пензискиот и здравствениот фонд.

Ова го предвидуваат измените на Законот за едношалтерски систем и водење трговски регистар и регистар на други правни лица кој е во собраниска процедура.

Досега на ваков начин се вработуваа само застапниците односно управителите на новоотворените фирми или основачите на фирми кои се и управители бидејќи Законот за работни односи предвидува за секое вработување да се објавува оглас за вработување преку агенцијата за вработување.

„Основачите на фирмите, како што тоа досега е предвидено за законските застапници или управителите, ќе имаат можност, да бидат вработени т.е. пријавени како вработени лица во Агенцијата за вработување, истовремено со поднесување на пријавата за основање на фирмата, без објавување оглас за вработување од страна на Агенцијата за вработување, во времетраење од најмалку 3 дена“, се вели во предложените измени на законот.

Внесување на податоците за првото вработување на основачите на фирмата и нивното вклучување во задолжителното социјално осигурување (пензиско, инвалидско и здравствено осигурување), Централниот регистар ќе го изврши електронски, преку електронско поврзување на своите регистри со регистрите и базите на податоци коишто се водат во Агенцијата за вработување, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Фондот за здравствено осигурување.

Со новите измени на Законот за едношалтерски систем е предвидено и првото вработување на потребниот кадар на новата фирма што се отвора да биде без оглас за вработување. Со ова велат предлагачите на измените, Министерството за економија и Владата, дека ќе се оствари целат да се поедностават условите и постапката за отворање нова фирма и нејзино почнување со работа.

„Доколку се избрише, односно се укине обврската при отворање фирма да се објавува оглас за вработување на основачите, односно на работниците, се очекува поедноставување и скратување на времетраењето на постапката за отворање фирма, а со тоа и подобрување на состојбите во делот на показателот Започнување бизнис согласно Извештајот Doing Business 2020 на Светска банка и подобрување на вкупниот ранг на земјата“, стои во образложението.