Просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во Македонија во првата половина од 2026 година изнесувала 11,68 евра за 100 киловат-часа, наспроти 28,32 евра во Европската Унија, покажуваат податоците на „Евростат“. Тоа значи дека струјата во земјава била за 58,8 проценти поевтина од европскиот просек. Пониска цена од Македонија имала единствено Унгарија, каде што 100 киловат-часа чинеле 11,39 евра.

Највисоки цени во ЕУ биле регистрирани во Ирска, со 38,71 евро за 100 киловат-часа, Германија со 36,18 евра и Белгија со 35,75 евра. Во регионот, повисоки цени од македонските имале Романија, Грција, Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија и Албанија, додека поевтина струја плаќале домаќинствата во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и во Турција.

Во меѓувреме, во Македонија се очекува нова цена на електричната енергија од јануари идната година. Регулаторната комисија за енергетика веќе почна со анализа на податоците од енергетските компании.

Споредбата на „Евростат“ се однесува на домаќинствата со годишна потрошувачка од 2.500 до 4.999 киловат-часови, а цените ги вклучуваат електричната енергија, мрежните трошоци, даноците и давачките. Сепак, станува збор за номинални цени во евра, без приспособување според приходите и куповната моќ на граѓаните.