Светската банка подготвува транша од 350 милиони долари за Украина, објави Ројтерс. Управниот одбор на банката конечната одлука ќе ја донесе до крајот на март.

За време на конференцијата во Минхен, претседателот на Светска банка Дејвид Малпас се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски и го увери дека неговата институција финансиски ќе ги поддржи луѓето и економијата на Украина, и на краток и на долг рок.

Во рамките на Минхенската конференција, претседателот на Украина Володимир Зеленски се сретна и со бугарскиот премиер Кирил Петков. Двајцата потпишаа заедничка декларација за поддршка на европската перспектива на Украина. Поради развојот на ситуацијата меѓу Русија и Украина, Петков и Зеленски ги споделија своите стравови за енергетската безбедност, но изразија надеж за деескалација на тензиите во регионот, соопшти прес-центарот на Советот на министри.