Народната банка воведува построги услови за задолжување од 1 декември 2026. Најпогодени ќе бидат граѓаните што купуваат втор или дополнителен стан, додека за прв дом остануваат поповолни услови.
Од 1 декември 2026 година ќе важат построги услови за станбено кредитирање, со кои купувањето втор или следен стан ќе стане значително потешко. Народната банка ги намалува дозволените лимити за задолжување и ги скратува роковите за отплата, додека за граѓаните што првпат купуваат сопствен дом остануваат поповолни правила.
Според новите мерки, кај денарските кредити односот меѓу вкупните месечни кредитни обврски и приходите се намалува од 50 на 45 проценти, а кај кредитите со валутна компонента од 45 на 40 проценти. Тоа значи дека граѓанин со месечни примања од 60.000 денари, наместо досегашните 30.000, ќе може да има месечни кредитни обврски до 27.000 денари. Воедно, за купување втор или следен стан максималниот рок за отплата се скратува од 30 на 25 години, а кај хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години.
Дополнително, за втор или дополнителен стан ќе биде потребно минимално сопствено учество од 25 проценти од вредноста на недвижноста. За оние што првпат решаваат станбено прашање, условите остануваат поповолни — отплата до 30 години и учество од 10 проценти. Според гувернерот Трајко Славески, целта е да се спречи прекумерното задолжување и да се поттикне купување недвижности за сопствено живеење, наместо за инвестициски цели.