Општина Охрид распиша конкурс за бесплатни курсеви за сметководство, дактилографија на компјутер, курс за ЦНЦ машини, основен курс за компјутери, канцелариски курс, вонредно дооформување на образование на возрасни само за социјално загрозени лица, ракувачи на парни котли, монтер на нисконапонски инсталации, козметичар, професионално шминкање, слаткар и германски јазик А1/1.

Курсевите, како што соопшти Општина Охрид, се со цел стимулирање на социјалната интеграција на невработените лица и подобрување на нивните квалификации за идно вработување, согласно Годишната програма на одделението за локален економски развој за 2022 година, во која се предвидени „Активни мерки за подобрување на конкурентноста на пазарот на труд“.

– Предност на пријавување за овие курсеви имаат лицата, кои се со статус на невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија – Центар за вработување Охрид, евидентирани како лица, кои активно бараат работa и социјално загрозени лица, кои ќе достават потврда од Центар за социјални работи, но и вработени кои сакаат да се докфалификуваат и прекфалификуваат, стои во конкурсот.

Курсевите, како што е наведено, ќе започнат доколку се оформи група од 10 до 15 учесници, а доколку нема доволно пријавени може да не се реализира некој од наведените профили.

Заинтересираните кандидатите, треба да ги пополнат потребните обрасци поставени на интернет страната http://www.ohrid.gov.mk., како и изјава за лични податоци, изјава потпишана од кандидатот дека доставените документи се вистинити и дека не посетува таков курс од друга институција или фирма и потврда од Центар за социјални работи.

Потребните документи кандидатите треба да ги достават најдоцна 15 дена од денот на објавувањето на Конкурсот на адреса: ОЈУ ОГУ за доживотно учење „Кузман Шапкарев” Oхрид, улица „Туристичка“ бр. 79 – Охрид, во затворен коверт со назнака „Конкурс за пријавување на кандидати за бесплатни курсеви“ или во Архивата на ОЈУ ОГУ за доживотно учење.