Комерцијална банка АД Скопје одлучи да учествува на јавната берзанска аукција за купување 95,336 проценти од акциите на Алта банка АД Битола. Намерата за учество е објавена преку СЕИ Нет, системот за известување на котираните друштва на Македонската берза.
На продажба се 372.742 обични акции во сопственост на Алта банка АД Белград, која е во стечај. Пакетот ќе се продава по моделот „сè или ништо“, што значи дека заинтересираниот купувач ќе мора да ги преземе сите понудени акции.
Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Тоа значи дека целиот пакет ќе биде понуден за 1,408 милијарди денари, односно околу 22,9 милиони евра.
Доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, дополнителни наддавања се предвидени за 1, 2, 3, 4 и 7 декември. Почетната цена на секоја следна аукција ќе биде намалена за 10 проценти во однос на цената на претходната.
Заинтересираните инвеститори имаат рок до 19 ноември да поднесат барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество, како и писмена изјава дека ќе ги обезбедат средствата за купување на акциите.
Со продажбата на мнозинскиот пакет, Народната банка настојува да обезбеди нов сопственик и услови за стабилно продолжување на работењето на битолската банка.