Северна Македонија, Албанија и Србија го ставаат под знак прашалник нивното учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Брисел. Тројцата лидери, Димитар Ковачевски, Еди Рама и Александар Вучиќ денеска имаа вонреден онлајн состанок на кој одлучија конечната одлука да ја соопштат утре.

-Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел, вели Димитар Ковачевски. Песимист за старт на преговорите со ЕУ, денеска беше и албанскиот премиер, Еди Рама, на заедничката конференција со неговата колешка од Финска, Сана Марин.

-Со премиерката разговаравме за она што доаѓа или што не доаѓа во наредните денови, сфатете го како сакате. Ѝ реков дека јас не очекувам ништо ново на овој Совет, сепак ЕУ, европските земји, Финска се обидуваат со Бугарија за да го отворат патот на разумот и да го деблокираат процесот, рече Рама.

И српскиот Претседател, Александар Вучиќ, вчера во изјава за тамошните медиуми, рече дека четврток ќе биде интересен ден, оставајќи простор да се нагаѓа дека е можно тројцата лидери да не учествуваат на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

-Утрово разговарав со Еди Рама и Димитар Ковачевски за претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Се договоривме дека по нашата консултација со нашите влади и советници, утре напладне да ја објавиме одлуката во врска со тоа дали ќе присуствуваме на таа средба, вели Вучиќ.

Конференцијата на високо ниво за Западен Балкан ќе се одржи ден пред сесијата на Советот на ЕУ закажана за 23 и 24 јуни каде се очекува да се донесе одлука за пристапувањето на земјите од регионот.