Над 650 милиони евра долг натрупале јавните, државните претпријатија, училиштата, болниците, клиниките, општините. Ова го покажува најновиот извештај на Министерството за финансии кој се однесува за првиот квартал годинава.
Први на листата со доспеан, а неплатен долг од околу 90 милиони евра се најде НОМАГАС, претпријатието кое треба да го реализира гасното поврзување со Грција.
И во претходниот извештај за последниот квартал исто беа на врвот, но тогаш објаснувањето од таму беше дека ваквата бројка е поради кредит кој е подигнат за да се изгради интеконекторот кон јужниот сосед. Дали овој пат износ во анализата е поради заемот прашавме во НОМАГАС, но одговор од таму не добивме. Договорот со компанијата за изградба на македонскиот дел од интерконекторот треба да се потпише за неколку дена.
Веднаш зад нив се МЖ Транспорт со долг од 74 милиони евра. Ова претпријатие често пати беше на врвот на листата според висината на долгот. Нешто помал износ за враќање од нив има МЖ Инфраструктура, но сепак е меѓу оние со повисок долг. Тука е и ЕСМ со доспеан, а неплатен долг од 60 милиони евра, потоа трите компании за парно на електрани, за дистрибуција, за снабдување и за производство. Нивниот вкупен долг е над 40 милиони евра.
На листата должници за прв квартал годинава се најдоа доста Општини, училишта, болници, Службата за општи заеднички работи на Влада, министерства, ЈСП, Водовод и канализација, Македонска пошта, но и многу други.
Според, овие бројки во првиот квартал годинава во однос на истиот период лани, долгот на државните институции пораснал за 160 милиони евра, а во однос на последниот квартал од 2024 година исто има скок, но е помал и изнезува 25 милиони евра.
Според, анализата на финансии долговите се однесуваат по повеќе основи, за плати, придонеси, комунални услуги, за материјали, опрема, субвенции,но тешко ги враќаат и кредитите.
Оваа листа Министерството за финансии ја објавува секој квартал. Пресметките се прават врз основа на документите кои ќе ги достават самите институции.