Следниот вторник Македонија ќе добие нов гувернер. Предлогот се уште не е испратен до Собрание, но во јавноста веќе се шпекулира со имиња, а во најтесниот круг се двајцата поранешни министри за финансии Зоран Ставревски и Трајко Славевски, но и актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежовска која се очекува да влезе во трката за втор мандат. Ставревски е добро познат за македонската јавноста – тој беше дел од Владата на Никола Груевски, a пред тоа работел во Светска банка.
Исто така, Ставревски беше и дел од таканаречените „бомби“, односно од прислушкуваните телефонски разговори кои своевремено ги објави тогашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев. Ставревски на позицијата министер за финансии дојде во 2009 година токму како наследник на Трајко Славески, неговиот противкандидат за гувернерската позиција. Славески моментално е актуелен претседавач во Советот на Град Скопје, а за оваа тема неодамна во јавноста рече дека наводно не бил консултиран, но доколку стигне предлог до него, тој ќе размисли.
Премиерот Мицкоски вчера не сакаше да открие кој е неговиот фаворит за нов гувернер, но рече дека сите кандидати кои се разгледуваат се вонсериски и искусни во областа. За имињата кои се шпекулираат во јавноста со критики излезе опозициската ДУИ. За нив е спорно тоа што нема Албанец кандидат за оваа позиција, иако кога тие беа на власт со мнозинство пратеници, изборот за гувернер падна на Бежовска. Мандатот пак на Бежовска и истекува на 21 мај, а беше избрана со поддршка од сите пратеници во 2018 година. Народната банка ја спроведува монетарната политика и се грижи за инфлацијата и курсот на денарот, а мандатот на гувернерот трае седум години.