Семејниот буџет е повторно под поголем притисок. Според најновата пресметка на Сојузот на синдикатите на Македонија, за задоволување на основните потреби на едно четиричлено домаќинство, во септември, биле потребни 69.432 денари, што е за 757 денари повеќе од август.

Уште позначајна е разликата кога ќе се споредат податоците со истиот период од претходните години. Во септември 2025 година, минималната кошница изнесувала 65.077 денари, што значи дека за една година потребниот месечен буџет пораснал за 4.355 денари. Во однос на септември 2024 година, зголемувањето достигнува 8.126 денари.

Зголемувањето на трошоците продолжил и во текот на оваа година. Во јануари, минималната кошница била пресметана на 66.413 денари, а до септември достигнала 69.432 денари – разлика од 3.019 денари.

Најголем дел од семејниот буџет и натаму оди за храна и пијалаци. За овие основни потреби, во септември биле потребни 25.259 денари, односно 36,4 проценти од вкупната вредност на кошницата.

Дополнителен товар имаат семејствата кои живеат под кирија. За четиричлено домаќинство со изнајмен стан од 60 квадратни метри, минималните месечни потреби во септември достигнале 84.807 денари, што е 15.375 денари над основната синдикална кошница.

И тука разликата во однос на претходните години е значајна. Во септември 2024 година, за истото домаќинство со стан под кирија биле потребни 76.681 денар, што значи дека за две години трошокот пораснал за 8.126 денари.

Од ССМ посочуваат дека вредноста на минималната кошница треба да се гледа како показател за финансискиот товар што го носат домаќинствата. Според синдикатот, континуираното зголемување на трошоците директно се одразува врз расположливиот семеен буџет и куповната моќ. Трендот на раст на кошницата покажува дека за истите основни потреби семејствата денес треба да издвојат значително повеќе средства отколку пред две години. Во услови на растечки трошоци, секое ново поскапување остава сè помал простор во домашниот буџет за останатите потреби.