Во организација на Програмата „ЕУ за општините“, денес во Скопје ќе се одржи првиот ЕУ-МК Саем за одржлив локален напредок и поврзување.
Целта на овој еднодневен собир е да се промовираат добри пракси и успешни проекти финансирани од ЕУ, да се охрабрат нови партнерства меѓу општините, како и да се обезбеди простор за размена на сознанија и идеи за иден локален развој.
Настанот официјално ќе го отворат министерот за локална самоуправа, Златко Перински и програмскиот менаџер на Програмата „ЕУ за општините“, ЕУ Делегација во Северна Македонија, Енцо Дамиани. Целиот настан е целосно отворен за јавноста и медиумите.
Како што објавија организаторите, ќе бидат претставени резултатите од долгогодишната соработка меѓу општините од Северна Македонија и нивните соработници од земјите-членки на Европската унија, како и инвестициите кои ги прави Европската Унија преку Програмата „ЕУ за општините“.
Посебен акцент ќе биде ставен и на теми како што се урбаната мобилност и управувањето со туристичките дестинации, како два клучни аспекти на одржливиот развој на локално ниво.
Планирано е претставување на конкретни решенија од општините Велес, Струмица, Кавадарци и други, како и искуства од германските региони Гронау и Енепе-Рур, и грчката општина Едеса.
Се очекува саемот да овозможи вмрежување, билатерални средби и интерактивна дискусија меѓу општините и меѓународните партнери. Настанот ќе биде организиран во форма на саем, со учество на делегации од Северна Македонија, Германија и Грција, министри во Владата, ЕУ Делегацијата во земјава, како и други релевантни чинители.
Овој саем е дел од завршните активности на програмата „ЕУ за општините“ која во изминатите пет години придонесе за конкретни подобрувања на локално ниво во речиси сите 81 општина низ земјава.