Прагот за следното намалување на каматните стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) сега е доста висок, бидејќи економијата на еврозоната се држи подобро од очекуваното и покрај трговската неизвесност, изјави Изабел Шнабел, членка на Управниот одбор на Банката.
За 12 месеци, ЕЦБ ги преполови каматните стапки на два проценти и сега сигнализира дека ќе ги одложи понатамошните потези за да види како економијата ќе се справи со жестоката глобална трговска војна што ја започна американскиот претседател Доналд Трамп.
Шнабел јасно става до знаење дека каматните стапки сега треба да останат непроменети бидејќи инфлацијата е на целта од два проценти, економијата се покажува отпорна, а трошењето на германската влада ги подобрува понатамошните економски перспективи.
Следниот состанок на Советот на ЕЦБ, каде што ќе се дискутира за каматните стапки, ќе се одржи на 24 јули.
„Инфлацијата е прогнозирана на два проценти, а очекувањата за инфлација се цврсто во согласност со тоа. Во овој контекст, каматните стапки се на добро ниво, а летвата за понатамошно намалување е многу висока“, рече Шнабел во интервју за финансискиот портал Econostream Media.
ЕЦБ верува дека опсегот на каматните стапки помеѓу 1,75 и 2,25 проценти е соодветен бидејќи ниту ја попречува, ниту ја прегрева економијата.
Шнабел рече дека би поддржала понатамошни намалувања на каматните стапки доколку види знаци на оддалечување на инфлацијата од целното ниво и додаде дека е против допирање на каматната стапка како одговор на индикатори како што се промените на цената на нафтата.
Главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, неодамна исто така изјави дека банката ќе реагира на реални материјални промени во трендовите на инфлација и ќе ги игнорира оние од мала и минлива природа.
Шнабел се обиде да го минимизира неодамнешното зајакнување на еврото, велејќи дека неговото влијание врз инфлацијата ќе биде привремено и дека одразува подобрени економски перспективи.
„Се чини дека неизвесноста влијае на економската активност помалку отколку што мислевме и, покрај тоа, очекуваме голем фискален стимул дополнително да ја поддржи економската активност. Сè на сè, ризиците за прогнозата за раст на еврозоната се избалансирани“, рече Шнабел.