„Македонско најдобро“ е новата кампања преку која Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се обиде да го зајакне и зголеми производството на домашни земјоделски производи, да ја подигне свеста за квалитетот и автентичноста на овие производи и да обезбеди полесен пристап на граѓаните до овие производи.
Кампањата започнува со видео запис којшто денеска беше промовиран од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
– Овој видео запис не е само реклама, туку вистинска приказана за нашата земј, а за вредните раце на нашите земјоделци и преработувачи и за богатата традиција која со љубов ја негуваме. Низ секоја сцена од златните полиња до трпезата прикажано е нашето домашно. Кампањата „Македонско најдобро“ ќе биде препознатлива по специфично лого кое преку Сонцето и почвата не потсетува дека ги имаме сите предуслови за да имаме домашни квалитетни земјоделски производи, рече Трипуновски.
Додаде дека кога се избира домашен производ, не се избира само храна или продукт, туку директно се инвестира во домашната економија и во отворањето на нови работни места.
Во рамки на кампањата ќе бидат претставени активности и алатки за полесен пристап до домашните земјоделски производи. Кампањата ќе биде присутна преку сите релевантни канали како билборди, постери, флаери и преку социјални медиуми.
Изработена е и дигитална платформа Македонсконајдобро.мк на која сите македонски змејоделци, македонски задруги, преработувачи и продажни центри ќе можат да се регистрираат и секој еден граѓанин ќе може лесно да го пронајде и да се информира за домашните производи.
– Оваа платформа е дизајнирана како централно место за поддршка и промоција на домашното производство овозможувајќи три основни типа на регистрација. Првата регистрација е за земјоделците каде ќе можат лесно да ги прикачат и промовираат своите земјоделски производи. Втората регистрација е за преработувачите каде ќе можат да ги претстават своите автентични македонски преработки. Третата регистрација е за продажните центри каде ќе ги регистрираат своите геолокации на продажни места низ нашата држава со што македонските производи ќе станат повидливи за потрошувачите, појасни Трипуновски.
Платформата ќе има и мапа преку која секој граѓанин ќе може многу лесно да најде каде да ги купи производите што му се потребни, односно преку автоматска геолокација, платформата ќе ги прикаже најблиските продажни места каде ќе може да се набават домашните земјоделски производи.
Има и опција за филтрирање по категорија или специфичен производ преку кои секој граѓанин ќе може на брз начин да дојде до посакуваниот производ.
Во скоро време, како што најави Трипуновски, ќе биде ставена во функција и посебна мобилна апликација, преку која граѓаните ќе може лесно да ги пронајдат и да се информираат за домашните земјоделски производи и преработки од нив.