УНИБанка АД Скопје продолжува со стабилни и позитивни финансиски резултати, реализирајќи добивка од 3,3 милиони евра (203 милиони денари) во првото полугодие од 2025 година. Банката успешно ги реализираше планираните банкарски активности, задржувајќи го фокусот на квалитетната услуга, иновациите и задоволување на потребите на клиентите.
Според официјалните податоци, вкупните приходи од работење изнесуваат 1.160 милиони денари, што претставува раст од 2,5% во споредба со истиот период од претходната година. Клучен придонес кон остварениот позитивен резултат имаат приходите од камати, кои учествуваат со 67,1% во структурата на вкупните приходи. Овие приходи се зголемени за 2,9% на годишно ниво, при што најзначаен е порастот кај кредитирањето на населението.
На расходната страна, УНИБанка бележи вкупни расходи во висина од 957 милиони денари, што е намалување од 1,9% во однос на првата половина од 2024 година. Намалувањето првенствено се должи на пониските средства издвоени за резервации по основ на кредити, што укажува на стабилно портфолио и намален кредитен ризик.
Во првoто полугодие од 2025 година, УНИБанка има исплатено дивиденда во износ од 211 милиони денари или 387 денари бруто износ по акција од остварената добивка во 2024 година.
Обврските по кредити заклучно со вториот квартал од 2025 година се зголемени за 57,3% во однос на 31.12.2024 година, како резултат на прибрани нови извори на средства по основ на одобрени кредитни линии.
Очекувања за претстојниот период
Во 2025 година окружувањето во коешто делуваше банката, се одликуваше со постепена стабилизација на ценовниот раст и поволен девизен пазар, но и понатаму постојат ризици и неизвесност, главно поврзани со надворешното окружување. Во однос на ризиците од надворешното окружување, од една страна се согледуваат надолни ризици главно поврзани со постојаните геополитички тензии, додека од друга страна, се согледуваат и поволни ризици, коишто претпоставуваат побрзи глобални структурни промени и поволни влијанија од новите технологии, кои ќе ја зголемат продуктивноста и глобалниот раст.
Очекувано во првата половина од 2025 година, Банката ја оставруваше својата деловна активност во променливи макроекономски услови и ги преземе сите неопходни мерки и активности за прилагодување на своето работење, пред се водејќи сметка за одржување на квалитетот на кредитното портфолио и изнаоѓање на флексибилни решенија согласно потребите и барањата на клиентите.
Заклучно со првoто полугодие од 2025 година, нето активата на банката е над планираната.
Анализата на структурата на пасивата на билансот на состојба на 30.06.2025 година и нејзината споредба со планираната укажуваат на надминување на планираните извори од корпоративниот сектор за 5%, како и повеќе привлечени извори на средства, по основ на кредитни линии, кои значително ги надминуваат планираните.
УНИБанка има за цел во текот на 2025 година да го зголеми бројот на дигитални корисници и клиенти, кои во пракса ќе ги почувствуваат ефектите од намалувањето на трошоците во нивното работење. Се планира да се воведат нови иновативни мобилни банкарски решенија со кои уште повеќе ќе се овозможи персонализирано корисничко искуство и поголемо задоволство при реализацијата на банкарските операции.
Стратегијата на УНИБанка за 2025 година ќе биде фокусирана на неколку клучни цели, а тоа е продолжување на растот на активата и на пазарниот дел, со повисоко ниво на ризик во портфолиото и повисоко ниво на РОЕ.
Воедно, поттикнувањето на позитивни промени во локалната заедница, грижата за животната средина, поддршката на спортот и културата, поттикнувањето солидарност, инклузија и во 2025 година ќе бидат високо на листата на приоритети на банката.