Министерството за економија и труд преку Агенцијата за вработување објави јавен повик за мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“, дел од оперативниот план за активни програми и мерки за 2025 година.

Мерката овозможува вклучување на 200 невработени лица, кои ќе бидат ангажирани во микро, мали и средни претпријатија што инвестираат во зелени технологии, производи и процеси.

Финансиската поддршка се доделува како неповратен грант:

  • 250.000 денари за едно ново работно место
  • 500.000 денари за две нови работни места
  • 750.000 денари за три нови работни места

Средствата можат да се користат за набавка на нова опрема, машини, софтвер и лиценци, како и опрема за обновливи извори на енергија и материјали за енергетска ефикасност.

Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија од приватниот сектор, со приоритет за компании од секторите: преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство и водостопанство, снабдување со вода и управување со отпад, градежништво и транспорт.