Припадниците на Шумската полиција добиваат бенефициран работен стаж како нивните колеги во Затворската полиција кои оваа поволност ја имаат од 2018 година. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, вели дека Правилникот за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење е веќе објавен во Службен весник.

– Со ова, припадниците на шумската полиција добиваат право на бенефициран стаж – право што долги години го бараа, но и покрај бројните ветувања, сè досега остануваше нереализирано. Со оваа одлука се оддава почит и признание за секојдневната работа, пожртвуваноста и ризикот што шумските полицајци го преземаат во заштитата на шумите и природните ресурси на нашата држава – објави Трипуновски.

Според Независен синдикат на Шумска полиција и администрација, институционалната постапка е почната уште пред 2 години.

– По 27 години од формирањето, Шумската полиција добива бенифициран стаж – нагласуваат од НСШПА.