Банките во Србија ги намалуваат каматните стапки на готовинските, потрошувачките и станбените кредити. Пониските каматни стапки важат во текот на целиот период на отплата, а зголемувањето на приходите нема да влијае на договорените услови. Сите банки кои нудат готовински, потрошувачки и станбени кредити во динари ја известија Народната банка на Србија дека ќе ги намалат каматните стапки на овие видови кредити, потврди централната банка за „Блиц бизнис“.

Оваа одлука значи дека каматните стапки на кредитите ќе бидат пониски од очекуваното, претходно пропишано од НБС, како дел од мерките за намалување на каматата на готовинските, потрошувачките и станбените кредити, како и на кредитите наменети за рефинансирање на веќе постоечките обврски.

Граѓаните ќе можат да ја искористат оваа поволност веќе од 15 септември, кога банките официјално ќе излезат со нови понуди за поволни кредити. Станува збор за мерки насочени кон подобрување на животниот стандард, а граѓаните можат да аплицираат за кредитите што им се потребни.

Поволните каматни стапи се однесуваат на динарски потрошувачки и готовински кредити во износ до 1.000.000 динари;

динарски кредити за рефинансирање готовински и потрошувачки кредити во банка без ограничување на износот; специјални парични кредити до 1.000.000 динари и кредити за рефинансирање наменети за пензионери, со вклучено животно осигурување; станбени кредити за купување на прв станбен имот.

Народната банка на Србија потврди дека пониските каматни стапки ќе важат во текот на целиот период на отплата на кредитот, во согласност со условите дефинирани во договорот.

За граѓаните со приходи до 100.000 динари, каматата на паричните кредити не може да надмине 7,5 проценти, додека Поштенската штедилница ќе ја намали каматата на 5,99 проценти. Намалувањето на каматните стапки се однесува на вработените со приходи до 100.000 динари, што вклучува 64,3% од работниците, како и на пензионерите со приходи до 100.000 динари, што вклучува 92% од пензионерите. Планирано е намалувањето на каматата да се прошири и на преостанатите 8% од пензионерите.