Од први јануари граѓаните не треба да стравуваат дека сметките за струја драстично ќе се зголемат. Тоа на што работат сега властите е како да се одложи примената на  Механизмот за прилагодување на јаглеродните граници кои ги бара Европската Унија. Имено, унијата сака да воведе дополнителни царини за производите кои се извезуваат во ЕУ а се добиени по пат на производство од фосилни горива. Ако истите се произведени со струја од обновниви изввори тогаш за нив нема плус царини или давачки. Од Енергетика велат дека роковите за прилагодување се кратки, целиот регион се соочува со значителни предизвици при подготовката за примена на овој механизам. Токму поради тоа,  земјите од Западен Балкан, вклучително и нашата, се залагаат за разгледување на можноста за одложување на воведувањето.

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕНЕРГЕТИКА: „ Министерството внимателно ја следи секоја одлука што ќе произлезе од институциите на ЕУ, со цел да се оцени влијанието врз домашните компании. Сите се свесни дека примена на CBAM од 1 јануари 2026 година може да предизвика економски импликации за фирмите во регионот, особено за оние кои се уште инвестираат во енергетска ефикасност и обновливи извори. Министерството активно работи на создавање услови компаниите да се адаптираат и да останат конкурентни на европскиот пазар, вклучително и преку системот на гаранции за потекло на електрична енергија и пристап до обновливи извори. Нашата цел е да обезбедиме државна поддршка и предвидливост за индустријата, додека внимателно ја следиме развојната динамика на CBAM на ниво на Европска унија. “

Засега од бизнис секторот, особено извозниците не сакаат да коментираат како би постапиле доколку добијат зголемени царини за нивните производи кои се продаваат во западно европските држави. Велат се уште е рано за било какви калкулации и се надеваат дека ќе има одложување на оваа европска мерка.

Во меѓувреме од владата за тв 24 велат дека земјава интензивно работи на намалување на користењето на јаглен и вложува значителни напори во развојот на обновливи извори на енергија.

Влада: „Како држава сме целосно посветени на процесот на праведна и зелена транзиција, во согласност со европските политики и глобалните заложби за климатска акција. Наш приоритет останува: забрзано инвестирање во чисти извори и почитување на европските правила.“

Во следниов период ќе се знае дали властите од регионот со заеднички сили ќе успеат да ја наговорат Европската унија да ја одложи примената за користењето на јагленот во земјава, во спротивно од први јануари голем удар ќе добие стопанството. Според правилата на Европската унија термоелектраните треба да ги затвориме до 2030 година што засега тоа личи на невозможна мисија.