Централната банка на Албанија обелодени дека во текот на првите шест месеци од годинава, државата била домаќин на повеќе од 4,7 милиони туристи. Тие посетители вкупно реализирале трошоци од 2,1 милијарди евра, што претставува зголемување од 1,9 милијарди евра или 7,7 проценти во споредба со истиот период претходната година.

“Секој турист просечно потрошил по 440 евра наспроти 428 евра во истиот период лани, што значи 12 евра повеќе.”

Топ чанел истакнува дека се наметнува прашањето дали туристите платиле повеќе поради покачените цени или потрошиле малку повеќе пари во Албанија.

Од друга страна, финансиските средства кои албанските државјани ги издвојуваат за патувања во странство за одмор, па дури и за работа, воопшто не се незначителни. Според податоците, 3,98 милиони граѓани патувале надвор од земјата и потрошиле 1,3 милијарди евра, што во просек значи дека еден албански граѓанин потрошил 326 евра во странство. “Туристичкото салдо останува позитивно.”

Разликата меѓу вкупните трошоци на странските туристи во земјата и вкупните трошоци на албанските граѓани во странство достигна 800 милиони евра, што е највисоко ниво досега. Се очекува ова салдо дополнително да се зголеми, земајќи го предвид големиот број туристи во јули и август, кога е врвот на туристичката сезона, пренесува телевизијата.

Албанија најчесто ја посетуваат туристи од Европа, но и туристите од Америка, Африка, Азија и Блискиот Исток се во голем број. Албанските граѓани продолжуваат да патуваат претежно во Европа, но и на други дестинации.